ПРОГРАМА ЗА РАН СКРИНИНГ НА ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ПРОГРАМА ЗА РАН СКРИНИНГ НА ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕОд тркалезната маса со иницијатива за превземање на програмите од проектот на УСАИД и Интернационалната фондација Лајонс клуб со вкупен буџет од 1,1 милион долари (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за здравство до крајот на годината ќе почне нова превентивна програма за рано откривање на оштетување на видот кај децата, најави министерот за здравство Венко Филипче на тркалезната маса со иницијатива за превземање на програмите од проектот на УСАИД и Интернационалната фондација Лајонс клуб со вкупен буџет од 1,1 милион долари. Тој кажа дека веќе работат на неколку нови превентивни програми и дека до крајот на годината ќе биде активна програмата за ран скрининг на видот кај децата.

    Проектот почна во 2014 и се имплементира преку Универзитетот на Југоисточна Европа.

    Амбасадорот на САД Џес Бејли рече дека во изминатите четири години, заедно сите индивидуалци и организации што се вклучени во партнерството, изведени се над 30.000 скринизни на очи кај мали деца. Во рамки на проектот, отворени се пет ресурсни центри во Скопје, Тетово, Штип, Битола и Велес, каде децата со оштетен вид посетуваат дополнителна настава со учебници на Брајово писмо.

    „Пред пет години, УСАИД и Фондацијата Лајонс клуб, ги здружија силите за да им помогнат на локалните институции и заедници за да ги детектираат и превенираат очните аномалии кај децата и да ги зголемат образовните можности за лицата со пречки во видот. Ова партнерство се зголеми и вклучи многу други организации и поединци, од што многу граѓани имаа директна корист. Земете ја, на пример, Барбара Василевска. На 7-годишна возраст, на Барбара ѝ беше дијагностицирана атрофија на очниот нерв. Нејзините родители се обратија во новоформираниот ресурсен центар во Битола за помош. Центарот ѝ овозможи на Барбара специјална настава четири пати неделно со помош на специјален едукатор. За само неколку месеци, таа беше подготвена да се вклучи во основното училиште во Битола. Тоа е токму она што ние се надевавме да го постигнеме – вклучување на деца и возрасни со оштетен вид во редовните активности и секојдневниот живот“, рече амбасадорот Бејли.

    Филипче рече дека со скринингот направен во рамки на овој проект кај деца на возраст од 3 до 10 години дека кај околу 20 отсто од нив биле утврдени аномалии и дека биле испратени на дополнителни прегледи.

    „Важно е во процесот да се вклучат и приватните и јавните институции во раната детекција и раниот третман на оштетувања на видот кај децата“, рече Филипче.

    Министерот за образование и наука, Арбер Адеми рече дека во ресурсните центри биле обучени повеќе од 200 наставници и едукатори за работа со децата со оштетен вид, а Црвениот крст основал Центар за лица со оштетен вид каде се реализираат сертифицирани курсеви за ИТ вештини, англиски јазик, работилници за вештини за ориентација и мобилност и социјализација.

    „На семејствата со деца со попреченост даваме можност еден од родителите да има скратено работно време. Досега сумата беше навистина мала и ја зголемивме на 50 проценти од просечната плата. Секој родител кој ќе се реши дека во својот живот ќе се грижи за своето дете со попреченост, до неговата 26 година и нема да го смести во ниедна институција ќе добие право на пензија од осум илјади денари, што е минимална пензија во државата без да има ниту еден ден работен стаж на своја 62 или 64 година, и тоа е директно вложување во семејствата. Со новиот Закон за социјална заштита кој е во собраниска процедура се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост, односно лична асистенција и домашна нега“, рече министерката за труд и социјала Мила Царовска. 

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира