ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК НА ДОХОД ГО ОДЛОЖИВМЕ ПОРАДИ РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА ЗАЕВ

    ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК НА ДОХОД ГО ОДЛОЖИВМЕ ПОРАДИ РЕФЕРЕНДУМОТ, КАЖА ЗАЕВ„Во текот на овој и следниот месец Владата ќе прави анализи за потребата од ребаланс на буџетот“,- премиерот Зоран Заев, со вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерката Мила Царовска и други членови на Владата за време на прославата на 8 Септември пред Владата (Фото: Влада на РМ)

    Даночната реформа или воведување на порогресивен данок на персонален доход е одложена поради референдумот за договорот со Грција, кажа денес премиерот Зоран Заев на прес конференција во Владата. Тој рече дека одлучиле да го одложат воведувањето на прогресивниот данок, бидејќи за реализација на оваа реформа сакаат да има квалитетна дебата, а поради дебатата за референдумот оваа би поминала незабележано.

    „Даночната реформа ја одложивме, оти ќе беше затскриена, оти во тек е дебатата за референдумот и не сакаме да носиме решенија. Самиот договор со Грција ја донесе потребата да ја одложиме даночната дебата, која требаше да биде во летото. Но тогаш се случи договорот со Грција. Дебатата за даночната реформа веројатно ќе продолжи по референдумот. Левичар сум и сметам дека правичното оданочување е потребно, дека тие што имаат повеќе треба да платат повеќе, а тие што имаат помалку да платат помалку. Дај Боже сите да имаат повеќе. Но, ако нема време за реализација до крајот на годината нема да брзаме ништо, сакаме да им дадеме време за подготовка на ваква даночна реформа и на стопанството и на граѓаните“, рече Заев.

    Со оваа реформа, која ја најави Министерството за финансии, предлогот е сите што имаат плата под 1.000 евра да плаќаат данок на доход по стапка од 10 отсто, а останатите над овој праг да плаќаат по даночна стапка од 18 отсто. Дел од стручната јавност негодуваше дека прагот кој е поставен за прогресивно оданочување е пренизок, бидјќи ќе бидат погодени токму оние граѓани кои редовно плаќаат даноци.

    Засега Владата не може да најави дали ќе има ребаланс на буџетот, оти анализите за тоа дали и каков ребаланс ќе има ќе се прават во текот на овој и следниот месец. Тој кажа дека очекува во последниот квартал од годината да почне реализацијата на капиталните проекти кои не се почнати, како и да се забрза реализацијата на почнатите проекти.

    „На почетокот на годината правевме проекти, се решаваат имотно правните односи за да дојде до реализација во последниот квартал, и тоа ќе биде видливо. Нема да дозволиме ниедни предрасуди да влијаат на одлуката дали ќе има или не ребаланс на буџетот. Разговаравме со сите министри и се договоривме кога ќе пресечеме дека има потреба од ребаланс таму каде не се искористени парите за капитални инвестиции, да ги реалоцираме во други. Таа одлука ќе се носи паралелено додека трае референдумската кампања“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира