Не се потврдени информациите дека во силното невреме што синоќа го зафати Скопје има повредени или исчезнати граѓани. Центарот за управување со кризи и град Скопје ќе излезат подоцна во текот на претпладнето со детални информации за штетите и евентуални жртви.
Поројниот дожд и силниот ветар што синоќа го зафати Скопје предизвика штети низ целиот град, а најпогодени беа населбите под Скопска Црна Гора, Стајковци, Ченто и Инџиково, како и делот од обиколницата на тој потег.
Надојдената вода од планината предизвика одрони и свлечишта и ги поплави населбите, предизвикувајќи штети на домовите и уништувајќи возила. Во справување со кризата се вклучени армијата, полицијата, противпожарните единици, службите на градот и приватни компании со механизација. Сообраќајот во голем дел од градот беше во прекин поради поплавените улици, а на неколку критични точки, многу граѓани останаа заглавени во своите автомобили. Поради скинати кабли и паднати бандери имаше и прекин на струјата во делови од градот, а прекини имаше и во Гостивар, Тетово и Македонски Брод. Неколку улици во Скопје беа блокирани од откорнати дрва и насекаде имаше расфрлано искршени гранки.Граѓани од Кисела Вода, Аеродром, Карпош и Гази Баба се пожалија дека им се поплавени пониските делови од домовите, подрумските простории и гаражите, откако шахтите почнаа да се излеваат.
Невреме ја зафати и западна Македонија, посебно полошкиот регион. Отсечени беа три тетовски села, Бродец, Вешала и Бозовце, откако патот Шипковица-Бродец беше однесен во должина од 300 метри.Од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека во Скопје за 2 и пол часа наврнале 33 литри на метар квадратен. Нивното предвидување е дека до понеделник ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено во западните делови. Во вторник се уште ќе има услови за слаб локален дожд, а извесно стабилизирање на времето се очекува од среда.