РАБОТИМЕ ДА ГО ЗАПРЕМЕ ДОПОЛНИТЕЛНОТО ЗАГАДУВАЊЕ ОД ПОЖАРИТЕ И ОД ИНДУСТРИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    РАБОТИМЕ ДА ГО ЗАПРЕМЕ ДОПОЛНИТЕЛНОТО ЗАГАДУВАЊЕ ОД ПОЖАРИТЕ И ОД ИНДУСТРИСКИТЕ КАПАЦИТЕТИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИМинистерот за животна средина Нуредини најави засилени инспекциски контроли за да се спречи палење на шумите и поголема контрола на индустриските капацитети и градилиштата.(Фото: Влада)

    Долгорочна стратегија за справување со загадувањето на воздухот е гасификацијата, а краткорочно да го запреме дополнителното загадување од пожарите и од индустриските објекти, рече министерот за животна средина Насер Нуредини, во изјава пред почетокот на третиот преглед за состојбите во животната средина изготвен од економската комисија на Обединетите нации и Министерството за животна средина.

    „Како долгорочна стратегија на земјата е гасификацијата, а на краток рок мора да ги преземеме сите неопходни мерки за да го запреме дополнителното загадување кое го произведуваме како што се пожарите и индустријата. Треба подобро да се контролира, ние ќе ги контролираме компаниите кои имаат А и Б интегрирани дозволи за работа и ќе направиме сè што е неопходно на краток рок. На долг рок ова е комплексно прашање на кое работиме“, рече Нуредини.

    Министерот Нуредини кој е инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена, на прашањата од новинарите одговараше на англиски јазик.

    Во одговор на прашања по презентација на извештајот тој рече дека постојат законски прописи кои луѓето и компаниите треба да ги почитуваат и дека засега нема број на казнети загадувачи бидејќи минатата недела е формиран координативниот меѓусекторски тим, каде со засилени инспекциски контроли треба да се спречи палење на шумите, поголема контрола на индустриските капацитети и градилиштата.

    Државните и локалните инспектори со помош од полицијата ќе ги прават овие контроли, а министерството за животна средина ги мапирало сите поголеми загадувачи во близина на мерните станици. Од Министерството за животна средина минатата недела информираа дека на пет мерни станици се заменети неисправните инструменти, а до крајот на годината ќе бидат заменети и останатите, како и дека во тек е процес за акредитација на лабораторијата за мониторинг при Министерството за животна средина.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира