РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЛАСТИТЕ АПЕЛИРААТ ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ

    РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ, ВЛАСТИТЕ АПЕЛИРААТ ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТЕкипи од Центарот за јавно здравје Скопје и од Институтот за јавно здравје минатата недела на терен извршиле масовна вакцинација против морбили, и тоа 1.932 лица во цела земја, а 1.352 лица во Скопје. - Д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство (Фото: СДК.МК)

    Бројот на заразени со мали сипаници порасна на 11, односно неделава се дијагностицирани три нови случаи. Станува збор за деца на возраст од 7 месеци до 6 години. И тие се од областа „кванташка депонија“ во Општина Гази Баба, како што беа и претходните осум случаи.

    Ограничената епидемија на Општина Гази Баба, која пред 10 дена ја прогласи Центарот за јавно здравје Скопје, останува на сила. Здравствените власти апелираат сите невакцинирани да се вакцинираат против морбили, рубеола и паротит.

    Опфатот на вакцинација со МРП вакцината лани во Скопје изнесува 68 отсто, и според здравствените власти тоа е недоволно и се очекува поголема епидемија.

    „Во овој момент се трудиме да не се прошири епидемијата, и сите заболени досега беа хоспитализирани на Инфективна клиника и изолирани. Во моментов на инфективна клиника има шест пациенти, кои се во добра состојба, односно нема компликации од сипаниците и веројатно до крајот на неделата ќе бидат пуштени од болница. Но, инкубацијата трае од 10 до 11 дена, и не знаеме со кого се биле во контакт овие лица. Успеавме да направиме контакт со семејствата на сите заболени. Лицата кои се заболени немаат постојано место на живеење, а некои од нив биле во контакт со одреден број лица од Косово. Апелираме до населението да се вакцинира против морбили, рубеола и паротит, затоа што со низок опфат на вакцинација може да се очекува голема епидемија. Опфатот треба да изнесува над 90 отсто, за да има населението колективен имунитет“, рече д-р Жарко Караџовски, од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

    Тој рече дека тоа што досега има 11 заразени од морбили не значи дека епидемијата ќе запре, и дека ја следат состојбата.
    „Ако не се зголеми опфатот со вакцинација ќе имаме проблем како држава. Морбили имаме во нашето непосредно опкружување, односно во Косово, Грција, Бугарија, Романија. Нашето население е во контакт со населението од овие држави и не може да се очекува дека високо заразно заболување нема да се појави во Македонија со поголем обем“, рече д-р Караџовски.

    Екипи од Центарот за јавно здравје Скопје и од Институтот за јавно здравје минатата недела на терен извршиле масовна вакцинација на населението кое не е вакцинирано против морбили, односно во цела земја вакцинирани се 1.932 лица, а само во Скопје 1.352 лица.
    Материјали од забболените како што кажа д-р Караџовски ќе бидат пратени на типизација во Луксембург, односно да се види дали инфекцијата е увезена од Косово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира