РАЗРЕШЕН ВРХОВНИОТ СУДИЈА СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ КОЈ ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР, ВРАЌАЈЌИ СУДИЈА ОД ПАТ ЗА БИТОЛА

    РАЗРЕШЕН ВРХОВНИОТ СУДИЈА СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ КОЈ ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР, ВРАЌАЈЌИ СУДИЈА ОД ПАТ ЗА БИТОЛАЗа да се погодат тие постапки кај подобни судии, Рибарев се грижеше со постојано менување на распоредот на судии. Жонглираше, правеше рокади, не дозволи да помине ниту едно барање за притвор на тогашното СЈО.(Фото:СДК.МК)

    Затоа што правел злоупотреби во електронскиот систем за самостојна распределба на судски предмети, местел предмети за висока корупција против поранешни високи функционери , врховниот судија Стојанче Рибарев денеска е неправосилно разрешен од функцијата.

    Тој е разрешен и оддалечен од работното место. Неговото нестручно и несовесно работење, според извори од Судскиот совет, се однесува на времето додека беше в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје и ги правеше распоредите на судии.

    Иницијативата за негова одговорност, многу пред да биде избрана за член на Судскиот совет, ја поднела Весна Дамева уште како координатор на Основниот кривичен суд Скопје.

    Рибарев на чело на Кривичниот суд дојде после Татјана Михајлова, токму кога дојдоа обвиненијата (на 30 јуни 2017 година)од тогашното Специјално јавно обвинителство, каде што беа обвинети Никола Груевски и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

    Во тој период, во претходна постапка, или во фаза на поднесено обвинение, секогаш кога се бараше притвор за осомничените/обвинетите, барањата на обвинителството се одбиваа и никој не отиде во притвор.

    За да се погодат тие постапки кај подобни судии, Рибарев се грижеше со постојано менување на распоредот на судии. Жонглираше, правеше рокади, не дозволи да помине ниту едно барање за притвор на тогашното СЈО.

    Во јули 2017, кога при погрешна проценка на Рибарев се случи за случајот „Тенк“ за набавката на скапиот блиндиран „мерцедес“, кривичниот совет да гласа 2 спрема 1 Никола Груевски да биде притворен, тој го спаси од притвор. По дојава на судијката Дијана Груевска, Рибарев ургентно го врати од приватно патување во Битола судијата Марин Станевски, го извади судијата Дарко Тодоровски од советот, и успеа да направи обратен сооднос на гласовите.

    Со гласови 2 спрема 1, по интервенцијата на Рибарев, Груевски беше оставен да се брани од слобода. Потоа осуден во истиот предмет „Тенк“, тамам да влезе во затвор, избега во Унгарија.

    Рибарев потоа сите овие пишувања на САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со враќањето на судијата од пат за Битола, ги потврди со соопштение.

    Потоа виде дека комисија од Министерството за правда доаѓа во Основниот кривичен суд да го „чешла“ АКМИС-от и објективноста во распределбата на судските предмети, брзо сервираше информации против претходникот Владимир Панчевски, не знаејќи дека тоа нема да го спаси од истата одговорност, според Судскиот совет – за рачно местење на судски предмети.

    Кога се распределија 17-те  обвиненија од СЈО што стигнаа на 30 јуни 2017 година кај подобни судии, Рибарев од Судот за прекршоци ги врати во кривичниот суд сите тргнати неподобни судии и им распредели за работа обични кривични предмети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира