Струјата на Клинички центар нема да биде исклучена, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски. Средства за оваа немана се предвидени и сега треба прераспределбата на парите од Буџетот да помине во Собрание. Долгот на Клинички центар за струја кон ЕВН за период од 3 години е повисок од 7 милиони евра. Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра.
„Владата предвиде средства и штом Собранието ќе ја направи прераспределбата на средствата во Буџетот ќе се платат сметките на должниците. Се надевам на експедитивност на пратениците“, рече премиерот и дополни дека во Македонски железници – Транспорт во текот на денот ќе биде пуштена струја откако утрово беше исклучена поради долг од 6,5 милиони евра.
Прашан дали ќе ги разреши директорите кои направиле долгови и не плаќале сметки, Ковачевски кажа дека долговите се направени како резултат на енергетската криза и зголемената цена на струјата.
„Ние овие клучни институции ги ставивме на регулираниот пазар за да плаќаат пониска цена на струја. Дел од директорите веќе се сменети во институциите, но јас тоа не го правам помпезно како што се правело пред 7, 8 и 10 години. Сите оние директори кои треба да имаат подобри перформански ќе бидат сменети, ќе има кадровски освежувања“, рече Ковачевски.
А. АНТЕВСКА