РОДИТЕЛИТЕ И МЛАДИТЕ МОРА ДА СФАТАТ ДЕКА ИМАМЕ ХПВ ВАКЦИНА КОЈА СПРЕЧУВА РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА ЗА НИСКИОТ ОПФАТ НА ВАКЦИНАЦИЈА

    РОДИТЕЛИТЕ И МЛАДИТЕ МОРА ДА СФАТАТ ДЕКА ИМАМЕ ХПВ ВАКЦИНА КОЈА СПРЕЧУВА РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ВЕЛИ Д-Р ГРОЗДАНОВА ЗА НИСКИОТ ОПФАТ НА ВАКЦИНАЦИЈАИзвонредно е важно девојчињата пред да бидат сексуално активни да ја примат оваа вакцина, бидејќи во 97 проценти заштитува од инфекција. -Д-р Александра Грозданова (Фото: СДК.МК)

    Исклучително е важно да се знае дека имаме вакцина која спречува карцином и затоа мора да се подигне свеста и кај родителите и кај девојчињата за придобивките од ХПВ вакцината, дека мора да се прими пред да станат сексуално активни, апелира проф. д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација.

    На денешната панел-дискусија „Искоренување на ракот на грлото на матката – како да го унапредиме здравјето на жените и девојките во Северна Македонија“, д-р Грозданова рече дека ХПВ вакцинацијата е една од најуспешните методи со кои можеме да дојдеме до елиминирање на цервикалниот канцер.

    Д-р Марјан Стојовски, претседател на Националната комисија за превенција и рана детекција на рак на грлото на матката, рече дека на 100 илјади жени на годишно ниво, според податоците од последните неколку години, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. Годишно во земјава, од 100-160 жени заболуваат од рак на грло на матка, од кои 60 завршуваат со смртен исход.

    Во земјава, како што и често говори д-р Грозданова, мал е процентот на вакцинирани девојчиња, а според препораките, до 2030 година треба 95 отсто од популацијата да биде покриена со оваа вакцина.

    „Австралија како една сериозна земја со сериозна здравствена политика цели кон тоа. Вакцината во нашата земја стигна во 2008 година, веќе од 2019 имаме четиривалентна вакцина. Се надеваме дека исто како во регионот дека и кај нас ќе биде присутна деветвалентната вакцина која обезбедува уште поголема заштита од дополнителни серотипови“, рече таа.

    Д-р Грозданова повторува дека е многу важно дека оваа вакцина покрај тоа што спречува ХПВ инфекција, спречува развој на карцином.

    „Многу е важна едукацијата, како на родителите, така и на младата популација која сама за себе треба да го подигне здравственото воспитување. Националната комисија освен експертски препораки излегува со медиумски препораки во однос на тоа дека треба да ја подигнеме свесноста за тоа дека имаме вакцина која спречува карцином. Се надеваме дека работејќи и преку здравствените институци, но и на локално ниво, во училиштата, во средните училишта, дури и на факултетите, можеме  да ја едуцираме и онаа популација која е постара  за придобивките на вакцинацијата“, додава професорката.

    Според неа, малиот опфат на вакцинација во земјава за оваа вакцина е тоа што ја следи една стигма, особено во регионот, затоа што се воведува во релативно рана возраст. Според Календарот за имунизација се става до 12 години, кај нас е на 12 до 15 години и тогаш родителите, вели таа д-р Грозданова, сѐуште не размислуваат дека сексуално пренослива болест како што е ХПВ , која најчесто така се пренесува, треба во тој период да ги заштитат своите девојчиња.

    Но, извонредно е важно, апелира таа, дека пред да бидат сексуално активни, треба да ја примат оваа вакцина , бидејќи во 97 проценти заштитува од инфекција. Шеснаесет години ја имаме во употреба, и светските податоци велат дека е една од најбезбедните вакцини.

    Панел-дискусијата ја организираа Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Скопје, во соработка со Министерството за здравство, Клиниката за гинекологија и акушерство и Рош Македонија Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира