На Скопскиот аеродром стигна првиот од двата романски авиона со кои ќе се гаснат пожарите во најзагрозените делови од земјава. Станува збор за воениот авион „Ц 27 спартан“. кој е специјализиран за гаснење пожари и има капацитет да дејствување со 6 тони вода врз пожарите. Како што соопштија од Министерството за одбрана, попладнево треба да пристигне уште еден романски авион кој ќе донесе контејнери и дополнителна опрема за поддршка на справувањето со пожарите.
„Станува збор за специјализиран авион кој носи пожарникари и 6-тонски кеси кои се полнат со вода и при летање на подрачјето тие се пуштаат и во форма на падобран бомба се распрскуваат врз огнот. Во координација со Генералштабот ќе се одлучи каде големиот авион ќе полни вода. Охридското Езеро е забрането со УНЕСКО да се користи за оваа намена, па имаме две можности, или Преспанското Езеро или некое од вештачките езера“, кажа Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.
Досега во земјава помош за справување со пожарите испратија Србија, Бугарија, Словенија и Австрија. Србија испрати три хеликоптери со кои изминатава недела се гаснат пожарите заедно со двата од нашата Армија. Од Бугарија во земјава се 25 пожарникари со 6 различни возила, а од Словенија 45 лица, команда, ИТ експерти, медицинска екипа, пожарникари со 11 противпожарни возила и транспортни возила.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска кажа дека во Општина Берово има импровизиран хелиодром каде што слетуваат хеликоптерите кои од утрово ги гасат пожарите, полнат гориво, успеаваат во близина да обезбедат вода од акумулациите и веднаш можат да се вратат на терен. Тоа многу го скрати и ќе го крати времето за интервенција и им овозможува на сите овие хеликоптери да реагираат по неколку пати без да се враќаат назад во Петровец.
Вчера во земјава стигна и австрискиот конвој кој е составен од 136 лица, 16 возила, 24 камиони, 1 амбулантно возило, 2 АТВ и 9 приколки. Тие веќе се распоредени во Пехчевскиот и Делчевскиот Регион какде пожарот веќе неколку дена не може да се стави под контрола и постои опасност за негово ширење кон Берово и Бугарија.
По бурните реакции во јавноста дека премиерот Зоран Заев и дел од министерите во Владата се на годишен одмор и се сончаат на грчките влажи, тие денеска се вратија во земјава. Заев заедно со министерот Венко Филипче, кој исто така беше на одмор, беа во беровско Будињарци каде постои опасност за ширење на пожарот.
А. АНТЕВСКА