СЀ УШТЕ НЕМА ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    СЀ УШТЕ НЕМА ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИДел од тимот инфектолози и анестезиолози од Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје на прославата на Денот на Европа. (Фото: к.Попов)

    Засега нема олабавување на мерките за заштита од коронавирусот, на сила остануваат сите мерки и препораки кои досега се донесени, соопштија од Министерството за здравство.

    Оваа одлука е донесена од Комисијата за заразни болести на денешниот состанок и препорачано е на Владата сите досегашни мерки сѐ уште да бидат на сила.

    „Трендот на нови случаи со КОВИД-19 во следните два дена ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести в понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките“, велат од Министерството за здравство.

    Тоа значи дека додека не се донесе нова одлука остануваат затворени угостителските објекти, трговските центри, казината, обложувалниците, забранети се собири на јавни места и спортски натпревари.

    Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку 2 метри и задолжително да се носи маска или марака во случај кога просторот помеѓу граѓаните е помал од пропишаното.

    Денеска во земјава се регистрирани 36 нови случаи позитивни на коронавирус од  411 направени тестирања. Тоа е најголем дневен пораст овој месец. Вкупно дијагностицирани со КОВИД-19 во земјава од почетокот на епидемијата се 1.622 лица, оздравени пациенти се 1.112, починати се 91, а во моментов активни случаи се 419.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира