САКАМЕ ДОБРИ ОДНОСИ СО РУСИЈА, НО ДА НЕ СЕ МЕША ВО НАШИТЕ ОДЛУКИ, КАЖА ШЕКЕРИНСКА

    САКАМЕ ДОБРИ ОДНОСИ СО РУСИЈА, НО ДА НЕ СЕ МЕША ВО НАШИТЕ ОДЛУКИ, КАЖА ШЕКЕРИНСКА„Не се мешаме во туѓите работи, но сакаме нашите одлуки да бидат наши“, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. (Фото: СДК.МК)

    Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска вели дека Македонија сака да има добри односи со Русија, но таа не треба да се меша во нашите стратешки одлуки. Таа ова го кажа по вчерашните изјави на рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак, кој кажа дека Македонија не треба да влезе во НАТО, бидејќи е опкружена со земји членки на алијансата и дека нема кој да ја нападне. Тој кажа дека ако НАТО изврши агресија врз Русија и Македонија ќе биде легитимна цел за неговата земја.

    „Изјавите од Русија во последно време не се позитивни, но не се ни изненадување. Русија има одредено мислење за нашите стратешки цели. Ние сакаме да имаме добри односи со Русија, и инвестираме во добри односи. Но, на сите и на соседите и на другите држави им ја повторуваме истата реченица, стратешките одлуки се наши. Од 1992 година оваа земја го изрази својот национален консензус за членство во ЕУ и НАТО. Не се мешаме во туѓите работи, но сакаме нашите одлуки да бидат наши. На тој начин се брани сувереноста, на тој начин се брани независноста, на тој начин се брани сопствената земја“, кажа Шекеринска, пред посетата на Воено медицинскиот центар во Скопје.

    На прашањето дали ако не се постигне договор со Грција, сепак е можно Македонија да влезе во НАТО под привремената референца БЈРМ, таа кажа дека во тек се преговорите на двајцата министри за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена и дека се надева дека Македонија ќе биде конструктивна во процесот.

    „Сметаме дека добрите односи со соседите се прашање кое треба да го решаваме и без членство во ЕУ и НАТО. Инвестираме во добри односи со сите соседи, вклучително и со Грција. Македонија и досега плати превисока цена на грчкото вето во 2008 година. Но, сега сметаме дека она што го научивме овие 10 години дека треба нѝ помогне да го најдеме решението и сметаме дека и Грција ќе профитира од нашето членство во НАТО и ЕУ и како добри соседи треба да си дадеме поддршка во вакви моменти“, рече Шекеринска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира