Министерството за здравство апелира за време на посетата на папата Фрањо сите граѓани да се упатуваат во Градската општа болница „8 Септември” или поранешна Воена болница, за сите здравствени потреби, и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ или поранешна Градска болница, за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија.
„Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните“, велат од Министерството за здравство.
„Граѓаните може да се упатат кон Клиничкиот центар и за сите услуги на Клиниката за детски болести и на Клиниката за гинекологија и акушерствo“, велат од Министерството за здравство.
Поради посебниот режим на сообраќај, приватните возила нема да имаат пристап до паркинзите на Клинички центар, и кон него ќе се пропуштаат само возилата на Итната медицинска помош.
„Забраната за пристапување со приватни возила во кругот на Клинички центар, ќе почне на 6 мај во 18 часот и ќе трае 24 часа, поточно до 18 часот на 7 мај“, велат од Министерство за здравство.
Од Министерството за здравство велат дека граѓаните од целата земја овој ден ќе ги добијат сите потребни здравствени услуги согласно планот што го изготвиле и дека поради посебните протоколи поврзани со посетата на папата, сите редовни прегледи на клиниките во Клиничкиот центар кои граѓаните ги имаат закажано за 7 мај во рамки на ‘Мој термин’, ќе бидат презакажани во најбрз можен рок, во деновите почнувајќи од 8 мај.
„Ги замолуваме пациентите за разбирање и ги известуваме дека ќе ги задолжиме Универзитетските Клиники да ги информираат пациентите за најбрз можен термин за одложениот преглед, односно хируршка интервенција“, велат од Министерството за здравство.
Според Министерството за здравство, овој ден Клиничкиот центар во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји кои ги посетува папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација и дека согласно тоа го изработиле овој посебен план за да овозможат непречен пристап на граѓаните до здравствени улуги.
Е. БОЧВАРОСКА