Македонија по должината на траење на судските процеси за корупција во однос на европскиот просек, е немерлива категорија. Не постои земја како нашата, што е членка на Советот на Европа во која масовно се враќаат на почеток судења за организиран криминал и злосторничко здружување, а кои и онака траеле над 4 години, и тоа само во основниот суд.
Европската комисија за ефикасност на правдата во последниот извештај пресметала дека просечно, разумна должина на судските постапки за сложени случаи во земјите членки на Советот на Европа во сите судски инстанци, е 3 години и 10 месеци.
Три години и 10 месеци е вкупната должина на судскиот процес, до правосилна пресуда и тука се пресметани времетраењето на постапката во прв степен, потоа во апелационите судови и во врховните судови.
„Пресуда од три судски инстанци во времетраење од 3 години и 10 месеци се смета за разумна“, стои во извештајот. Мерењето на должината на судските постапки во земјите членки на Советот на Европа, е базирано на случаи на Европскиот суд за човекови права.
Комплексни кривични случаи со измами и злосторничко здружување, според извештајот, вкупно траат 8 години и пет месеци. Но од овие 8,5 години, дури 4 години и 7 месеци отпаѓаат на истрагата.
„Времетраењето на истрагата е оправдано поради големиот број на сведоци кои треба да бидат сослушани и документи кои треба да бидат разгледани“, се наведува во истражувањето.
Кај нас е обратно, и Македонија веројатно е единствената европска држава во која судските процеси за злосторничко здружување, организиран криминал и висока корупција, траат многу подолго од истрагите.
Дека тоа не е пракса само кај високопрофилните случаи, докажува и примерот со судењето за тешката сообраќајна незгода кај Ласкарци, со бројни жртви. Обвинителот ја заврши истрагата за околу три месеци, а судењето трае скоро 3 години.
Судството кај нас ги уби сите успешни и брзи истраги од висок јавен интерес.
Освен случајот „Тендери“ против ексминистерката Елизабета Канческа – Милевска, кој е закажан да почне одново на 6 септември, за останатите случаи за корупција кои минатата недела масовно се вратија на почеток, сè уште нема термин за нивно рестартирање.
Причината е пензионирање на судски поротник. Поради пензионирањето на поротникот кој членува во судечки совет во одделот за организиран криминал во Кривичниот суд Скопје, се вратија сите судења на избеганиот експремиер Никола Груевски на почеток.
Првин ќе одмора судството, па потоа ќе се закажат рочиштата, бидејќи, како што ни беше одговорено, никој од нив не е притворски, па да се брза со закажување на рочишта веднаш.
Со оглед на тоа дека се влечеа и по 4 години, а некои од нив веќе се враќаа еднаш, па и двапати на почеток, на голем дел од обвинетите некои од кривичните дека им застареа.
Клучните предмети за кои земјата е под мониторинг на ЕУ и САД, се враќаат на почеток. Поради навршување на 60 години на поротник, се враќа на почеток најголемиот и првиот предмет на СЈО „Титаник“ со 21 обвинет, „Талир“ за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ со перење нелегално стекнати пари, и „Тендери“.
Колку и да се правдаат судиите, Министерството за правда и Владата дека законот е таков и дека поротник не може да учествува во кривичен совет по навршување на 60 години, пензионирањето на поротниците кажува колку споро траат судските процеси кога на обвинителна клупа се богати и моќни луѓе и поранешни функционери. Да не го одлагаше судијата Осман Шабани цела година почетокот на судењето на „Талир“ тоа досега ќе беше завршено, со истиот тој поротник.
И судијата Огнен Ставрев го убрза „ТНТ“ кај што се обвинети Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски кога слушна од обвинетите дека поротник навршил 60 години, но предоцна. Судењето поради смена на поротникот се врати на почеток, и уште си трае.
Случајот „Траекторија“ за кинеските автопати, кој почна во декември .2017 година и е со само тројца обвинети, бидејќи Никола Груевски побегна, нема абер да заврши. Во меѓувреме, на Груевски и му застаре делото. Овој случај го водеше судијата Горан Бошевски, за кого Судскиот совет многу доцна се освести, па го разреши месецов, кога дојде судењето при крајот. Поради тоа и „Траекторија“ се враќа на почеток, а и сите случаи во чии судечки совети овој судија за организиран криминал бил член.
„Тотал” против обвинетиот Драган Павловиќ-Латас се врати на почеток 7 пати и уште е таму.
Можеби досега ќе имаше правосилна пресуда и за Ејуп Алими и Исмет Гури, високи функционери од ДУИ, ако вишиот обвинител Диљавер Бектеши со месеци не го држеше предметот и не му го враќаше на Апелациониот суд Скопје.
За овој случај Апелациониот суд уште не носи одлука и го држи таму додека делото си оди кон застарување.
В петок ќе има пресуда за случајот „Тортура“ против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, откако обвинителот ѝ кажа на судијката дека нема ништо да ѝ објаснува повеќе, бидејќи што имал, објаснил и аргументирал во доказна постапка и во завршни зборови.
Пред месец дена, непосредно пред судијката Александра Ристеска да ја соопшти пресудата за тортура при апсењето на Љубе Бошкоски, рече дека не ѝ е јасно какви кривични дела направиле поединечно обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков и шестемина полициски „алфи“ на чело со Ивица Анчевски – Пуки. Го врати судењето на почеток.
По над три години постапка, таа вторпат го враќа, откако еднаш го почна отпочеток зашто поротникот си нашол друга работа, а резервен поротник, како што правеше судијката Добрила Кацарска во високопрофилни случаи или обвинети, Ристеска немаше обезбедено.
С. К. ДЕЛЕВСКА