Бизнисменот Орце Камчев веќе се чекирал дома по одлуката на Апелациониот суд Скопје да излезе од Шутка во куќен притвор, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК негови блиски пријатели, а коосомничениот во „Империја“ Сашо Мијалков, денеска извиси со мислењето на СЈО за и тој да може да оди во куќен притвор.
По рочиштето за „Тортура“ за нечовечко постапување и понижување при апсењето на Љубе Бошкоски, Мијалков беше вратен назад во Шутка. Неофицијално, мислењето на СЈО за него ќе биде испратено утре.
Денеска во куќен притвор замина и Цветан Панделески, газдата на „Пелистерка“, кој заедно со Камчев и Мијалков е притворен во истрагата за „Империја“.
Според извори во Специјалното обвинителство, причина што се предомислија оттаму за ублажување на мерките притвор во куќен притвор, биле проценките дека и со поблагата мерка во овој момент може да се постигнат целите на присуството на осомничените во постапката. И Законот за кривична постапка вели дека ако ако цениш дека со поблага мерка ќе ја постигнеш целта, употреби ја, велат во СЈО.
Според соговорниците, со куќниот притвор ќе има засилен полициски надзор и постојано присуство на полиција околу куќите на осомничените.
Од СЈО испратија вчера позитивно мислење за куќен притвор и за другите притворени во „Империја“ Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски. За нив Апелациониот суд Скопје ќе има закажано за утре, исто како и за Миле Јанакиески и за Кирил Божиновски, обвинети во случајот „Титаник“.
С. К. ДЕЛЕВСКА