СДСМ, ДУИ И БЕСА ПОДНЕСОА ПРЕДЛОГ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКО ПРАШАЊЕ ДО ЏАФЕРИ, СЕ ЧЕКА ОДЛУКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА СЕДНИЦА

    СДСМ, ДУИ И БЕСА ПОДНЕСОА ПРЕДЛОГ ЗА РЕФЕРЕНДУМСКО ПРАШАЊЕ ДО ЏАФЕРИ, СЕ ЧЕКА ОДЛУКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА СЕДНИЦАПрашањето е истото што го кажа премиерот Зоран Заев по лидерската средба на 18 јули: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“; - предлог одлуката што до претседателот на Собранието ја доставија координаторите на СДСМ Томислав Тунтев, на ДУИ Ејуп Алими и на Беса Фадил Зејндели (Фото: СДК.МК)

    Координаторите на СДСМ Томислав Тунтев, на ДУИ Ејуп Алими и на Беса Фадил Зејндели, доставиле предлог до претседателот на Собранието Талат Џафери за референдумско прашање. Во предлог одлуката, која не е потпишана само од ВМРО ДПМНЕ, е одреден и датумот на референдумот 30 септември 2018 година. Во СДСМ велат дека ако ВМРО ДПМНЕ не се согласи со предлог одлуката, тие ќе ја поднесат до Претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе бараат денеска да закаже седница.

    Прашањето е истото што го кажа премиерот Зоран Заев по лидерската средба на 18 јули: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“.

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Спикерот Џафери, по заклетвата на новите членови на ДИК утрово, рече дека уште не закажал седница на која ќе се расправа за евентуален предлог за распишување референдум. Тој рече дека чека договор од координаторите на пратеничките групи и официјален предлог до него.

    ВМРО-ДПМНЕ бара референдумското прашање да е кратко и јасно, зашто смета дека со вметнување на ЕУ и НАТО е манипулативно. ВМРО-ДПМНЕ  не се изјасни дали ќе го повика членството да излезе на референдумот или  на бојкот, a партијата најави дека ставот ќе го кажат на денешната седница.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира