Опозиционата СДСМ ќе го блокира во Собранието носењето по скратена постапка на законот за задолжување на државата кај унгарската влада од 500 милиони евра. Претседателот на СДСМ Венко Филипче, денеска на прес-конференција кажа дека претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска од СДСМ нема да го стави овој предлог-закон на разгледување и дека бараат да се носи во редовна постапка.
„Предлог-законот со кој државата се задолжува кај Унгарија е одлука без преседан. Во услови кога државата директно се задолжува кај друга држава, за СДСМ е недозволиво законот да се носи по скратена постапка. Ова задолжување е коруптивно, во самиот закон постојат членови со кои се потврдува корупцијата. Владата сака да го изгласа без дебата, што е срамно и недозволиво. Ја повикуваме власта да се вразуми, да го повлече законот, да го стави во редовна постапка со широка дебата во која ќе бидат вклучени експерти. Доколку тоа не го направи, тогаш е јасно дека има други скриени намери“, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека каматата која ќе се плаќа за овој кредит е многу помала од кредитите кои ги земала претходната влада.
„Цената којашто државата ќе ја плаќа за кредитот е 0,1 процент. Но таа е 0,04 проценти тоа е за адвокатски услуги. Процес кој е стандарден за ваков тип на заеми. Направив анализа колкава провизија плаќала владата на СДСМ и ДУИ во периодот во која таа се задолжувала преку емисија на државни обврзници на меѓународниот пазар. И таа провизија тие што ја плаќале се движи од 12 до 20 пати повеќе од тоа што ние сега како адвокатски услуги го плаќаме за овие 500 милиони. Ќе повторам од 12 до 20 пати“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на отварањето на спортскиот центар „Бранители“ во Општина Бутел.
А. АНТЕВСКА