Со оглед на растот на цените на храната, струјата и на животните потреби на граѓаните, споредено со минатата година, пратеникот Фатмир Битиќи во име на СДСМ и коалицијата, денеска поднесе измени на Законот за ДДВ со кои бара укинување на ДДВ на основните прехранбени продукти.
Со предлог-измените по брза постапка, СДСМ бара и данокот на додадена вредност за струјата да се намали од 18 на 5 проценти. Ова се само две од седумте мерки што ги предлагаат СДСМ и коалицијата за олеснување на финансискиот товар на граѓаните .
„Индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година во однос на истиот месец минатата година бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало пораснал за 5.2%. Цените на основните прехранбени производи растат без контрола. Граѓаните веќе плаќаат и повисоки сметки за струја. Само во јануари тие се зголемија од 20% до 30%, што претставува уште еден тежок удар врз животниот стандард. Растот на цените го надминува зголемувањато на приходитена , сè повеќе семејства месечната плата веќе не им е доволна ниту за најосновните трошоци“, кажа Битиќи зошто се потребни овие законски измени.
Тој рече дека владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ ја обожува брзата лента, односно скратената постапка за носење наменски закони, па им понуди можност брзата лента да ја употребат за овие измени за поевтина храна, што денеска СДСМ ги поднесе до Собранието.
„И покрај тоа што со месеци ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме целосен дебакл на владините политики. Наводните антикризни празнични кошнички доживеаја фијаско. Најавеното замрзнување на маржите сè уште не е донесено! Додека Владата да реагира за цените на храната, граѓаните почнаа да плаќаат и повеќе за струја. Се формираше Министерство за енергетика, но минатата година тоа реализираше само 50% од планираните капитални инвестиции. Домашното производство на енергија не расте, што нè прави уште позависни од скап увоз. Во ноември, планираниот увоз на струја од соседните земји беше нула гигавати, но реално беа увезени 351,3 гига. Истото се повтори во декември, кога планираниот увоз повторно беше 0 гигавати, а се увезоа 425,7 гигавати“, рече Битиќи на прес-конференцијата во Собранието.
С. К. ДЕЛЕВСКА