СЕ АКТИВИРААТ АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНКУЛОСКА, МИЈАЛКОВ, ЈАНАКИЕСКИ, ПРОТОЃЕР, ПЕТ УСТАВНИ СУДИИ ЈА СТАВИЈА ТОЧКАТА НА ДНЕВЕН РЕД

    СЕ АКТИВИРААТ АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНКУЛОСКА, МИЈАЛКОВ, ЈАНАКИЕСКИ, ПРОТОЃЕР, ПЕТ УСТАВНИ СУДИИ ЈА СТАВИЈА ТОЧКАТА НА ДНЕВЕН РЕДГласовите (пет спрема четири во случајов) за ставање на дневен ред на една иницијатива на дневен ред за испитување на уставноста на оспорен член, членови, се во пракса и гласовите, односно резултатот во конечното гласање за истата таа иницијатива. - Од седница на Уставниот суд (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд е на чекор да ги поништи сите обвиненија, истраги и судски процеси што се поведени против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа амнестирани од  поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година. Следниот месец, Иванов ги повлече амнестиите.

    Петмина уставни судии на последната седница ги надгласале четворицата свои колеги и успеале да ја стават на дневен ред за расправа иницијативата за преиспитување на членот 11-а од Законот за помилување, кој вели дека претседателот може да ја отповика дадената амнестија. Со иницијативата се тврди спротивното, дека не може да ја отповика еднаш дадената амнестија.

    Ако помине оваа иницијатива во Уставниот суд, се активираат дадените амнестии на над 50 осомничени, обвинети, сведоци во постапките на СЈО, за кои Иванов успеа тогаш да собере податоци од тогашното обвинителство на Марко Зврлевски дека против нив се почнати постапки и ги амнестираше.

    Потоа тој ја повлече амнестијата, можност што му ја дава член 11-а од Законот, кој мнозинството судии имаат намера да го прогласат за неуставен и амнестијата да стапи во сила. Со тоа ќе се спасат сите обвинети и осомничени функционери за кои се води постапка.

    Избеганиот експремиер Никола Груевски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Едмонд Темелко, ексградоначанилците Тони Трајковски и Владимир Талевски, потоа сите обвинети алфи во „Тортура“, Бедредин Ибраими, Мендух Тачи, судијката Светлана Костова, ексминистерот Љупчо Димовски… како и покојниот Коста Крпач, но и Жарко Луковски кој почина денеска, се меѓу амнестираните обвинети и осомничени функционери. Груевски и Јанкулоска се правосилно осудени, а Грујевски, Ибраими, Мијалков и Тачи се  првостепено осудени на затворски казни, но никој од нив не е во затвор, сите се во жалбена постапка.

    Мнозинството судии смета дека со дадената можност со членот 11-а да го поништи помилувањето што го дал, претседателот на државата излегува надвор од дадените надлежности на претседателот во членот 84 од Уставот и оти со тоа го повредувал принципот на владеење на правото. Гласовите (пет спрема четири во случајов) за ставање на дневен ред на една иницијатива на дневен ред за испитување на уставноста на оспорен член, членови, се во пракса и гласовите, односно резултатот во конечното гласање за истата таа иницијатива.

    Во Уставниот суд ни рекоа дека во повеќе држави членки на ЕУ од кои било побарано мислење, добиен бил одговор дека во нивните законодавства не постои можност за повлекување на даденото помилување.

    Обидот на претседателот на Уставниот суд Сали Мурати да биде проширена иницијативата со оспорување на законската можност на претседателот на државата да амнестира без претходна спроведена постапка, без барања до него, и да амнестира лица за кои нему ќе му текне, без согласност на тие лица, што е упад во судството од страна на претседателот, не поминал кај споменатото мнозинство од пет судии, зашто така ќе пропаднат амнестиите што ги даде Иванов на ВМРО-ДПМНЕ и на УБК самоиницијативно.

    Собранието само треба да даде автентично толкување дека помилувањата на Иванов се неважечки, бидејќи кога ја носеше амнестијата, членот 11 за помилување без постапка, не постоеше. Тогаш Уставниот суд не би имал за што да расправа и не би можел да ги активира амнестиите од Иванов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари