СЕ ТЕСТИРААТ НА КОВИД-19 НОВОРОДЕНЧЕТО НА ЗАБОЛЕНАТА КУМАНОВКА И ПОЧИНАТАТА РОДИЛКА ОД ОХРИД, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СЕ ТЕСТИРААТ НА КОВИД-19 НОВОРОДЕНЧЕТО НА ЗАБОЛЕНАТА КУМАНОВКА И ПОЧИНАТАТА РОДИЛКА ОД ОХРИД, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕПациентката од Куманово, која е позитивна на КОВИД-19, роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. (Фото: СДК.МК)

    На коронавирус ќе се тестираат бебето на кумановката која е позитивна на коронавирус и која се породи на 30 март, а пост мортем ќе се земе брис и на родилката од Охрид која почина синоќа на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), кажа министерот за здравство Венко Филипче.

    Како што и претходно информираа од ГАК, на 30 март е примена второротка од Куманово на возраст од 27 години која во 20:15 часот поради намалена плодова вода и знаци за фетално страдание е породена со царски рез. Пациентката е спроведена и породена во изолација, поради фактот што таа како суспектна на КОВИД-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода е најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар.

    Пациентката при приемот немала покачена температура, но во својот исказ посочила дека пред три дена имала треска и се пожалила на сува кашлица. Таа кажала и дека член на семејството има симптоми кои може да укажуваат на инфекција со КОВИД-19.

    „За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим. На пациентката освен комплетната лабораторија, земен ѝ е и брис за КОВИД-19 чиј што резултат е стигнат на 31.03.2020, попладне во 18 часот и истиот е позитивен на вирусот. Пациентката роди живо машко новороденче кое е недоносено и во моментов се наоѓа на одделот за интезнивна нега и терапија на ГАК. Новороденчето е изолирано и е во добра општа состојба, не е на респиратоена машина туку само е со кислородна хауба. Денеска на бебето ќе му биде земен брис и ќе му биде направен тест на КОВИД-19“, рече министерот, исто како и што стои и во соопштението од ГАК.

    Родилката вчера почнала да развива потешка клиничка слика, отежнато дишење со намалена сатурација, по што е веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

    Доцна синоќа, во 22 часот на ГАК почина пациентка на возраст од 37 години од Охрид, родилка која вчера попладне е донесена во Скопје со возило на брза помош во високо фебрилна состојба (телесна температура над 39 степени) и со мртов плод.

    „Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфли присуство на коронавирус. За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши при што таа беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но за жал, во 22 часот е констатирана смрт. Причина за смртта најверојатно е сепса со масивна тромбоемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза. Се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли. Починатата родилка била донесена на Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје со амбулантно возило од Општата болница Охрид, без претходна најава. По измерената телесна температура, таа била веднаш спроведена на посебен влез до одделението за изолација на клиниката. Eден дел од Клиниката функционира за родилки суспектни и позитивни на Ковид-19“, велат од Гинекологија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира