ЗАСЕГА НИТУ ЕДЕН ОД ТИЕ ШТО СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ПОРАДИ КОНТАКТ СО ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА НЕ ПРИЈАВИЛ СИМПТОМИ

    ЗАСЕГА НИТУ ЕДЕН ОД ТИЕ ШТО СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ПОРАДИ КОНТАКТ СО ДИРЕКТОРКАТА НА КОЖНАТА КЛИНИКА НЕ ПРИЈАВИЛ СИМПТОМИМинистерот за здравство Венко Филипче на состанокот со кризниот штаб во Владата. (Фото: Влада на РСМ)

    Ниту едно од лицата кои се ставени во изолација поради контакти со заболената докторка, поранешна директорка на Клиниката за кожни болести, засега не покажале симптоми, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес конференција. Докторката која беше хоспитализирана минатиот понеделник, на 9 март, е сместена на Инфективната клиника во Скопје. Истиот ден во изолација беа ставени 203 лица, вработени на Клиниката за дерматологија, пациенти и нејзини колеги кои во текот на претходниот викенд биле на стручен симпозиум во еден скопски ресторан.

    Седум лица во моментов се тестираат за коронавирус во земјава, рече министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за три лица од Дебар, две од Штип и двајца од Скопје.

    Трите лица од Дебар имале контакти со веќе заболените пациенти од овој град, а двајца се испратени преку Центарот за јавно здравје од Штип и двајца се на Инфективната клиника во Скопје. Четворицата пациенти патувале во Австрија и Германија изминатиов период.

    Клиниката за психијатрија отвора телефонска линија за граѓани и ранливи групи, а броевите ќе бидат објавени дополнително. Станува збор за психолошка поддршка на родители на деца од предучилишна и училишна возраст, на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните во Општина Дебар и во Центар Жупа.

    Првата пациентка која беше заболена со коронавирус денеска заминува на домашно лекување. Таа по вторпат била тестирана по дијагностицирањето на вирусот според насоките и препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

    Педесетгодишната жена на 26 февруари влегла во земјава со комбе преку Табановце. Сите сопатници и возачот беа во домашна изолација, а тестовите после изолацијата беа негативни.

    Од Министерството велат дека здравствената состојба на пациентите позитивни на КОВИД-19 кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна, а петтемина пациенти кои се лекуваат во дебарската болница се во добра здравствена состиојба. Во стабилна состојба е и првата пациентка од Дебар која е на респираторна машина.

    Во земјава до сега има регистрирано 18 лица заразени од коронавирус, од кои 13 се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје, а петмина се во болницата во Дебар.

    Во 16 часот е закажана седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, а во 19 часот на седница на Влада.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира