СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ДА ГО ОСТАВАТ СПОРОТ ЗА ИМЕТО НАДВОР ОД НАТО, ВЕЛАТ ОД ПЕНТАГОН

    СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ДА ГО ОСТАВАТ СПОРОТ ЗА ИМЕТО НАДВОР ОД НАТО, ВЕЛАТ ОД ПЕНТАГОНПретседателката Сиљановска-Давкова и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа кој се одржа во јуни во Скопје.(Фото: Ѓ. Личовски)

    САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од основањето на алијансата следната недела во Вашингтон.

    „Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, рече Бјуланд.

    Самитот на НАТО во Вашингтон ќе се одржи од 9 до 11 јули. Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски и во неа се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателот на Собранието Африм Гаши.

    Бјуланд во интервјуто вели дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе до тоа Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.

    Тој не сакаше да ги коментира изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, а ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација. Вели дека одговори на такви прашања треба да даде Стејт департментот.

    Гласот на Америка на македонски на 19 јуни го праша Стејт департментот дали Мицкоски со употребата на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа. Од прес-службата тогаш одговорија дека „изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира