ШИЛЕГОВ МОЖЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ

    ШИЛЕГОВ МОЖЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕПетре Шилегов говореше на протестите на Шарената револуција лани на 25 април во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот Петре Шилегов, кој важи за острица на пратеничката група на СДСМ, најверојатно ќе биде кандидатот на владејачката партија за градоначалник на Скопје.

    „Размислувам да се повлечам од пратеничката функција и да се кандидирам најпрво во партијата за градоначалник на Скопје. Таа функција актуелниот градоначалник Коце Трајановски ја сведе на вршител на комунални дејности, а тоа е всушност, многу висока, сериозна и одговорна политичка функција. Сè уште размислувам“, вели Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Сегашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски на 17 јуни изјави дека би прифатил да биде кандидат за трет мандат, ако таква одлука донесе неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека она што го направил во изминатите два мандата е доволно повторно да излезе како победник на следните локални избори.

    Шилегов, пак, вели дека според моменталната состојба на бројките, СДСМ има повеќе гласови од ривалската ВМРО-ДПМНЕ на ниво на скопските општини.

    Тогаш желба да се кандидира повторно за градоначалник на Општина Центар, но и на Град Скопје, ако прифати СДСМ, искажа и актуелниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски. Жерновски попрецизно, најави дека сигурно ќе се кандидира за уште еден мандат во оваа општина, но не ја исклучи можноста, доколку таква одлука донесе СДСМ, да влезе во трка за градоначалник на Град Скопје.

    Локалните избори треба да се одржат на средината на октомври, датумот сè уште не е закажан.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира