ШКОЛИТЕ И ФАКУЛТЕТИТЕ ЈА ПОЧНАА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА СО КОМБИНИРАНИ МОДЕЛИ НА НАСТАВА

    ШКОЛИТЕ И ФАКУЛТЕТИТЕ ЈА ПОЧНАА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА СО КОМБИНИРАНИ МОДЕЛИ НА НАСТАВАВо 600 училишта ќе одржуваат настава со физичко присуство, а во останати онлајн преку платформата www.schools.mk. - Прв училиштен ден во училиштето „Јан Амос Коменски“ во скопската Општина Карпош. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со задоцнување од 1 месец поради коронакризата, новата учебна година 2020/2021 почнува денес под посебни протоколи и со комбиниран модел на настава.

    „600 училишта ќе одржуваат настава со физичко присуство, а за останатите достапно учење на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик преку три канали на Македонската радиотелевизија (МРТ). Оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, пандемијата предзвика огромни промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Многу е важно овој процес да биде подржан од сите. Треба да покажеме дека со и ваков комбиниран образовен процес можеме да се носиме. Предизвици ќе има пред нас, но да не заборавиме дека за еден месец направивме национална платформа и добивме обучен кадар“, рече  министерката за образование Мила Царовска, која денеска заедно со премиерот Зоран Заев го посетија основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Општина Карпош.

    Онлајн наставата ќе се следи преку националната платформа за учење од далечина www.schools.mk. Царовска вели дека за Националната плафторма имало 30 национални обучувачи кои спроведоа обука на 1.600 наставници и резервни наставници коишто понатаму го пренесоа знаењето за користење на платформата на своите колеги во училиштата.

    За проблемите кои настанаа со платформата за следење на наставата Царовска рече дека тие тековно се надминуваат, а наставниците треба да ги следат инструкциите на веб страницата на Министерството и на порталот каде се даваат сите нови инструкции.

    „Деновиве има родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн наставата и бараат настава со физичко присуство. Јас ги разбирам, но мораме сите ние да разбереме дека одлуките кои ги донесе комисијата се во интерес на јавното здравје и заштита на здравјето на сите нас. Ако одлуката која ја донела комисијата е дека нема услови во училиштето за физичка настава, тоа е во интерес токму на заштита на здравјето на децата и родителите. Апелирам до родителите да ја почитуваат таа одлука. Да разберат дека бојкотот не носи никому добро, а одлуката која е донесена не е заради ничија желба или хир, туку заради препорака на здравствените власти која мора да ја почитуваме. Ова бара труд и напор, но целта е премногу значајна за да не соработуваме или да не си помагаме. Ајде заеднички да ги надминеме почетните предизвици за да што побрзо се прилагодиме и започнеме со учење“, вели министерката.

    За разлика од учебната година за учениците која доцни, денес традиционално е стартот на новата академска година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. И првиот час и наставата во оваа академска година на дел од факултетите на УКИМ ќе се одвива целосно онлајн, но на дел од факултетите поради природата на наставните содржини и на методите на нивното изучување, наставата ќе се одвива хибридно, и онлајн и со физичко присуство.

    Со одлука на Владата, училиштата беа затворени на 10 март, како превентивна мерка за заштита од ковид-19, а учениците ја завршија учебната година 2019/2020 преку онлајн настава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира