Телото на 53-годишен скопјанец кој починал вчера, семејството го зело од болница и го погребало според сите верски и народни обичаи, без да се почитуваат протоколите за КОВИД-19. Отпосле дознале дека посмртниот тест за коронавирус излегол позитивен.
Случајот за САКАМДАКАЖАМ.МК го потврди директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова, објаснувајќи дека откако добиле информација од Центарот за јавно здравје за позитивен случај посмортен, извршиле вонреден инспекциски надзор во болницата. Во моментов, вели таа, Центарот за јавно здравје врши епидемиолошка анкета на семејството, вработените во болницата и на лицата кои биле на погребот. По завршување на анкетата ќе се знае дали во Скопје има нов кластер, колку луѓе се заразени и колку лица поврзани со овој починат пациент ќе бидат ставени во изолација.
Пациентот вчера без знаци на живот го донеле во една приватна болница. Му била направена реанимација, но докторите не успеале да го вратат во живот. Притоа му бил земен постмортем брис за КОВИД-19 , кој бил даден на обработка во Институтот за јавно здравје. Семејството го зело од болницата починатиот, си го однеле дома и го погребале според сите верски и народни обичаи. Но, денеска од болницата добиле известување дека починатиот бил позитивен на КОВИД-19.
Директорката Сотирова-Бухова вели дека починатиот бил донесен во болницата без знаци на живот, имал низа коморбидитети и неколку дена дома бил со тешка клиничка слика.
„Според првичните информации кои ги имаме од семејството, починатиот три дена дома бил во лоша состојба, но од она што сега го знаеме не побарал лекарска помош. Во текот на денешниот ден ќе го контактираме неговиот матичен лекар. Не е проблем само тоа што е погребан без да се почитуваат протоколите, туку и тоа што цело семејство било во контакт со него дома и не знаеме од кога се појавила болеста. Вршиме анкета не само на семејството, туку и на медицинскиот кадар во болницата што бил во контакт со него, па што ќе знаеме дали имаме нови заразени и колку лица ќе бидат ставени во изолација“, вели Сотирова-Бухова.
За погребување на починати од КОВИД-19 има посебни протоколи. Посмртните останки се ставаат во лимен сандак и телото не се изложува. На погребите присуствуваат само членови на најтесното семејство и евентуално само едно верско лице.
Сотирова-Бухова вели дека во одредени подрачја се забележани доста случаи кога пациенти со КОВИД-19 се носат во болница во тешка состојба.
„Болеста не може да се крие, порано или подоцна таа ќе се открие. Затоа, сакам да апелирам до граѓаните навремено да се јават на лекар“, вели Сотирова-Бухова.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски на 26 мај кажа дека 15 од починатите од КОВИД-19 биле донесени во болница доцна, речиси во терминална фаза, кога веќе лекарите немаат можност да интервенираат. И тој апелираше болните да не се кријат, бидејќи со тоа го загрозуваат здравјето на нивните семејства.
Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, до сега во земјава како последица од компликации од коронавирус починаа 121 лице.
А. АНТЕВСКА