Полицијата нема обврска деноноќно да ги чува куќите и становите на осумтемина пуштени од притвор изминатите неколку дена во случаите на СЈО „Империја„ и „Титаник“, од кои тројца се милионери, велат од МВР повикувајќи се на законот и судските решенија по кои постапува министерството.
„СВР Скопје од Основниот суд Скопје 1 доби решение со кое му се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена на осомничениот Сашо Мијалков, сметано од 29.12. 2018 година. Мерката куќен притвор предвидува ненајавена проверка од полициски службеници, со цел да се утврди дали лицето на кое му е одредена мерката ја почитува. До СВР Скопје од Кривичниот суд, а ни од СЈО, нема пристигнато друго решение за преземање други мерки“, кажа министерот Оливер Спасовски.
Од МВР објаснуваат дека иако од СЈО беше речено дека за пуштените од Шутка ќе се бара засилен надзор, такво нешто не е побарано официјално со судските решенија. Полицијата ќе го посетува Орце Камчев два пати дневно, како што побарал судот и ако не го пронајдат дома полицајците се должни веднаш да го известат Судот. Истото се однесува и за Сашо Мијалков со тоа што решението за него не ја обврзува полицијата колку пати дневно треба да го проверува, туку само ненајавено да го посетува. Ако не го најдат при ненадејните посети, должни се веднаш да го известат судот.
Откако во петокот на неформален брифинг со новинарите Спасовски кажа дека довербата кон СЈО не му е како на почетокот кога се формирало, шефицата на специјалните обвинители Катица Јанева му возврати дека тој треба да си ја гледа својата работа, потсетувајќи го дека МВР е помошен орган на обвинителството.
„МВР треба само да ги спроведува одлуките на судот и барањата на обвинителство, вклучително и на СЈО и тој не е компетентен да ги коментира ваквите одлуки, бидејќи се само помошен орган на судот, обвинителството и СЈО“, изјави Јанева.
Со пуштањето од Шутка во домашен притвор, обезбедувањето на присуството на вископрофилните осомничени и обвинети судот и СЈО го префрлија на МВР. Тоа пак не може без налог на обвинителството и на судот на своја рака да демне пред домовите на осомничените од „Империја“ и обвинетите во „Титаник“, за да не избегаат како што избега поранешниот премиер Никола Груевски.
Премиерот Зоран Заев рече дека во тој случај, тоа би било недемократски метод и кршење на човековите слободи и права. Министерот Оливер Спасовски кажа дека дури е тој на функцијата, нема да дозволи полицијата да следи луѓе без судски налог. Деноноќно полициско присуство без тоа да го побара судот или обвинителот би значело дека се кршат основните човекови права на само на притворениците, туку и на членовите на нивните семејства, а во станбени згради и на соседите.
Непосредно пред да биде пуштен од притвор во саботата навечер и последниот од Шутка Сашо Мијалков, Јанева изјави: „Сметавме дека е добро за реформите, за владеењето на правото, овие лица да бидат во следниот период во куќен притвор и со тоа ќе биде доволно обезбедено нивното присуство“.
Минатата недела, заклучно со саботата навечер, од притвор беа пуштени дома: Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска, Тодор Мирчевски и Сашо Мијалков од случајот „Империја“ и Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, обвинети во „Титаник“.
С. К. ДЕЛЕВСКА