СЛЕДНАТА ГОДИНА ОГЛАС ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ПАРЦЕЛИ ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОВОЛТАИЧНИ ЕЛЕКТРАНИ

    СЛЕДНАТА ГОДИНА ОГЛАС ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ПАРЦЕЛИ ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОВОЛТАИЧНИ ЕЛЕКТРАНИВицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев најави дека следната година ЕЛЕМ ќе почне со изградба на 10 мегаватна фотоволтаична централа врз стариот рудник Осломеј (Фото: архивска)

    Оглас за изградба на фотоволтаични електрани за следната година најави денес вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој кажа дека државата веќе ги подготвила урбанистичките планови и парцелите на кои ќе се градат овие електрани.

    „Сакам да најавам сериозна и агресивна инвестиција следната година во обновливите извори на енергија, преку распишување тендер за изградба на минимум 100 мегавати во фотоволтаици. Државата ги подготви парцелите и урбанистичките планови за да имаат инвеститорите полесна работа. При тоа парцелите ќе бидат доделувани на аукција на која најдобрите инвеститори ќе можат да градат фотоволтаични електрани, а така ќе биде и со ветерните електрани“, рече Анѓушев.

    Тој рече дека за развој на обновливите извори на енергија по донесување на Законот за енергетика ги подготвиле и потребните подзаконски акти, кои се над 90.

    „Дел од овие подзаконски акти веќе се донесени, а останатите се подготвени. Пред две недели ги потпишавме договорите за реконструкција на трафостаниците и далноводите, односно преносната мрежа на МЕПСО, а следната година ЕЛЕМ ќе почне со изградба на 10 мегаватна фотоволтаична централа врз стариот рудник Осломеј. Тука се и тендерите за изградба на 22 нови мали хидроелектрани“, рече Анѓушев.

    Според него само во енергетскиот сектор следната година ќе има над 100 милиони евра инвестции, кои се приватни.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира