Министерството за здравство е во преговори со српското Министерство за здравство ревакцинацијата на нашите граѓани кои прва доза примија во Србија да се врши во пункт поблиску до нашата земја. Ова денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче кој кажа дека на ова тема разговарал со неговиот колега Златибор Лончар, со оглед на тоа дека во втората половина на јуни македонски државјани треба да се ревакцинираат со „АстраЗенека“ во Србија.
„Со министерот Лончар утрово разговаравме дали може да се организира некој пункт поблиску до нашата земја за ревакцинацијата на нашите граѓани во Србија. Има расположение и наредните денови ќе информираме што точно е договорено, размислувањата се да биде во нивните пунктови во Врање или Ниш“, рече Филипче.
Околу 15.000 македонски државјани се вакцинирани во Србија, најголем дел од нив во Белград и Ниш.
На сајтот за ревакцинација во земјава, на оние кои прва доза примиле во Србија, пријавени се околу 1.000 граѓани. Ревакцинацијата со „АстраЗенека“ во земјава ќе се врши само на граѓани над 60 години.
Вчера српскиот претседател Александар Вучиќ повика владата на Србија да дозволи бесплатна вакцинација за македонски државјани во нивната земја, со каква вакцина сакаат.
Филипче ваквата изјава на Вучиќ ја искоментира како чин на пријателство кој постои од самиот старт на вакцинацијата во земјава.
А. АНТЕВСКА