Собранието со 95 гласови „за“ и без ниеден „против“, го донесе Законот за амнестија за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Кон групата пратенци и предлагачи се приклучија и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ заедно со Панчо Минов од ГРОМ.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и лидерот на ЛДП Горан Милески ја напуштија салата кога почна гласањето.
Пратеникот од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Зеќир Рамчиловиќ го образложи Законот за амнестија и рече дека „овие 2 години беа тешки, можеби најтеши во историјата на праламентаризмот и со овој Закон, наредните 2 години треба да ги релаксираме односите“.
Веднаш по неговото образложение пратениците го изгласаа Законот. За законот за амнестија покрај парламентарното мнозинство, гласаа и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Со Законот за амнестија (линк до целиот текст) нема да може да бидат амнестирани:
- организаторите и подготвувачите на нападот на Собранието за кои има основани сомневања
- лицата кои извршиле физичко насилство
- лицата под фантомки
- лица кои носеле оружје и експлозивни материи
- службени лица кои ги пречекориле своите овластувања
Барањата обвинетите ќе може да ги поднесат во рок од 5 дена по носењето на законот.
Некои од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста или од оние досега осудените, чии пресуди уште не се правосилни, може и да не поднесат барање за помилување и да останат до крај во понатамошна судска постапка која ќе продолжи.
Денеска во комисиската расправа предлагачите немаа аргументи да го објаснат фактот дека обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска, во незавршен судски процес, ќе бидат принудени да одобруваат или да не одобруваат амнестија на 33-цата обвинети за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, само по еден опис на кривичните дела кои не смеат да бидат амнестирани, што во закон ќе им го изгласа Собранието.
Г. ТРПЕНОСКИ