СОБРАНИЕТО ЈА ИЗГЛАСА ОДЛУКАТА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ, ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАПУШТИЈА САЛАТА

    СОБРАНИЕТО ЈА ИЗГЛАСА ОДЛУКАТА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМ, ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ЈА НАПУШТИЈА САЛАТАСо 68 гласови „за“ Собранието ја донесе одлуката за распишување на референдумот за името, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето ја напуштија салата (Фото: К. Попов)

    Собранието попладнево со 68 гласови „за“ ја донесе одлуката за распишување референдум за името. Пратениците го утврдија референдумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“. Референдумот ќе се одржи на 30 септември.

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето на одлуката за распишување на референдум ја напуштија собраниската сала. Претходно, тие поднесоа два амандмани на одлуката со кои бараа референдумот да биде задолжителен, не консултативен и од референдумското прашање да се тргнат ЕУ и НАТО.

    Пратениците ги одбија двата амандмани на опозицијата, која не беше во салата да даде образложение зошто ги поднесува.

    Собраниската седница ќе продолжи во 18.30 часот и на дневен ред, меѓу другото, е одлука за прераспределба на 3,5 милиони евра од државниот Буџет во Државната изборна комисија за одржување на референдумот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира