СОБРАНИЕТО ВЛЕЗЕ ВО ТРКА СО УСТАВНИОТ СУД КОЈ БРЗА ДА ГИ ВРАТИ АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ ЗА ГРУЕВСКИ И СОРАБОТНИЦИТЕ

    СОБРАНИЕТО ВЛЕЗЕ ВО ТРКА СО УСТАВНИОТ СУД КОЈ БРЗА ДА ГИ ВРАТИ АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ ЗА ГРУЕВСКИ И СОРАБОТНИЦИТЕБарањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување веднаш им е поделено на сите пратеници во Собранието, а кога за него ќе расправа Законодавно-правната комисија и Собранието ќе се знае по редовната понеделничка координација на спикерот Талат Џафери со водачите на пратеничките групи. (Фото: СДК.МК)

    Барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, кој според стручната правна фела е мртов, непостоечки, а преку него Ѓорге Иванов ги амнестираше осомничените функционери од ВМРО-ДПМНЕ, стигна кај претседателот на Собранието Талат Џафери. Од неговиот кабинет рекоа дека тоа веднаш им е поделено на сите пратеници во Собранието, и оти кога за него ќе расправа Законодавно-правната комисија и Собранието ќе се знае по редовната понеделничка координација на спикерот со водачите на пратеничките групи.

    Со тоа, тргна во собраниска процедура Барањето за автентичното толкување за непостоечкиот член 11, кој предвидуваше дека претседателот на државата има право да помилува лица по свој избор и по своја иницијатива без да ги праша тие лица, не само како осудени, туку и како лица за кои се води истражна постапка.

    Овој член 11 кој беше укинат во 2009 година, има „опашка“ која се вика член 11-а, кој дава можност помилувањето што го дал претседателот да може да го отповика. Иванов, кога ја даде амнестијата на криминалите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на УБК на 12 април 2016, под притисок на јавноста ја повлече, повикувајќи се на тој член 11-а кој произлегува од непостоечкиот член 11.

    Сега Уставниот суд, со мнозинство на судиите кои беа избрани за уставни судии токму во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на последната седница избоксува на дневен ред да стави иницијатива со која се оспорува можноста за повлекување на амнестиите од претседателот. Во превод, тоа значи дека ако се прогласи за неуставен членот 11-а, амнестиите се бетонираат и се активираат. Односно, се поништува повлекувањето на амнестиите на Иванов.

    Веднаш по одлуката на Уставниот суд, министерката за правда Рената Дескоска денеска ги повика пратениците да поднесат Барање за автентично толкување на основниот, членот 11, кој не постоеше во правниот поредок кога Иванов ги амнестираше Груевски и десетици други негови блиски и водечки функционери. Ако Собранието донесе Автентично толкување дека тој член не постоел, паѓаат во вода амнестиите на Иванов, а и иницијативата од пред два дена, со која Уставниот суд сака да ги активира дадените амнестии и да ги затвори еднаш засекогаш сите случаи на СЈО.

    По повикот, пратеничката група на СДСМ денеска поднесе Барање за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Со тоа владејачкото мнозинство влезе во трка со Уставниот суд.

    „Со овој чекор, сакаме да ги спречиме најавите да се врати незаконската аболиција на Ѓорге Иванов против која застанавме сите слободоумни граѓани, а и ние како партија. Неказнивост на делата што ги направи режимот предводен од ВМРОДПМНЕ не смее да има и нема да има, ние тоа нема да го дозволиме“, рече пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ.

    Тој рече дека правдата секој ден се блокира, наведе примери дека тоа се прави со одлагање на судските процеси за предметите на СЈО за корупција и организиран криминал, до постојано поднесување на иницијативи пред Уставниот суд.

    Тој ги повика сите пратеници да застанат заедно и да го спречат активирањето на амнестиите на Иванов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари