На собраниската седница број 135 закажана за 22 декември, ставена е точка за расправа по Иницијатива на овластениот предлагач Љупчо Палевски, за референдум за Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2017 година.
Осомничениот за грабнување и убиство на деветтооделенката Вања Ѓорчевска од Скопје, како и претходно на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, иницијативата до Собранието ја поднел 12 дена пред убиството. Датумот на приемот на Предлогот за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво е 15 ноември, а свирепото убиство на девојчето е на 27 ноември во 10 часот. Жежовски беше убиен на 22 ноември.
Вања беше најдена мртва на 3 декември, на 4 декември министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски на прес-конференција соопштија детали, а на 5 декември првоосомниченот Палевски беше уапсен во Турција. Тројца од осомничените кои се во притвор се членови на политичката партија Десна чиј претседател е Плевски.
Денеска, 11 декември, од дневниот ред на 135-тата собраниска седница уште не е тргната иницијативата на Палевски.
Предлогот на овластениот предлагач Палевски, како претседател на Десна, е за собирање 150.000 потписи за референдум. Дури е напишано и референдумското прашање што треба да го разгледуваат пратениците во т. н. прво читање.
Палевски е во процес на екстрадиција од Турција, каде е во екстрадиционен притвор, откако три дена по убиството избега преку Србија и Бугарија. Министерството за правда денека соопшти дека во Турција за Палевски е определен екстрадициски притвор од 40 дена, а врз основа на дописот добиен од Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Баликесир каде што тој беше уапсен.
Истрагата ги чека резултатите од обдукцијата уште за една, според Обвинителството, многу важна работа. Притворените осомничени кои немаат физички контакт по апсењето, имаат иста верзија за убиствата и сите го посочуваат Палевски. Нивните искази биле прецизни и се совпаѓале, што според МВР и Обвинителството, била добра основа да се земат како прилично точни искази. Така полицијата всушност и ги нашла закопаните тела, на Вања близу Скопје, а на Панче близу Велес.
Но, сето тоа мора да се потврди и од обдукцијата, како и од биолошките и од други траги и докази, пред да се напиште обвинението. По екстрадирањето, пред обвинител ќе биде сослушан и првоосомничениот Љупчо Палевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА