СОЦИЈАЛИСТИТЕ НА ЅИНГО ЗАЕДНО СО СДСМ И ДУИ ЌЕ РАБОТАТ ЗА УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ЕУ И НАТО

    СОЦИЈАЛИСТИТЕ НА ЅИНГО ЗАЕДНО СО СДСМ И ДУИ ЌЕ РАБОТАТ ЗА УСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ЕУ И НАТОПретставниците на социјалистите, пратениците Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски, кои беа на вчерашната лидерска средба, останаа до крајот, заедно со СДСМ, ДУИ, ДПА, двете крила на Движењето Беса, Алијанса за Албанците, НСДП, ДОМ и ЛДП.(Фото:К.Попов)

    Социјалистичката партија чиј лидер е Љубисав Иванов-Ѕинго заедно со СДСМ  ќе работи за влез на Република Македонија во Европската унија и во НАТО. Претставниците на социјалистите, пратениците Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски, кои беа на вчерашната лидерска средба, останаа до крај заедно со СДСМ, ДУИ, ДПА, двете крила на Движењето Беса, Алијанса за Албанците, НСДП, ДОМ и ЛДП. Нивниот долгогодишен коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ ја напушти средбата.

    Љупчо Димовски е еден од обвинетите пратеници за организираниот напад на Собранието на 27 април лани. Судењето е закажано за 22 август.

    Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти средбата со образложение дека има чуден формат и не се поканети сите партии кои имаат пратеници во Собранието.

    „Претставниците на Социјалистичката партија останаа до крајот на лидерската средба. Таа, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, се изјасни дека е за ЕУ и НАТО“, одговори премиерот Заев на прашањето дали останувањето на претставниците на СП на лидерската средба значи дека се зголемува владејачкото мнозинството во Парламентот.

    Премиерот Заев рече дека на средбата не се разговарало за тоа која партија ќе гласа за уставните измени.

    „На средбата не разговараме кој како ќе гласа за уставните измени. Од Социјалистичката партија на средбата рекоа дека тие се посебна партија од ВМРО-ДПМНЕ и ќе останат на средбата“, рече Заев.

    Ова не прв пат претставници на социјалистите да постапат спротивно од коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ.

    Во април годинава, пратениците на СП, Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов, не се потпишаа на барањето за гласање недоверба на Владата на премиерот Зоран Заев поднесено од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш Авировиќ за медиумите изјави дека имала здравствени проблеми и затоа не се потпишала, а Димовски не ставил потпис бидејќи бил зафатен со две судски рочишта.

    Пратениците на Ѕинго и на собраниска седница на трети мај годинава, со нивното присуство му обезбедија кворум за работа на владејачкото мнозинство.

    Социјалистичката партија на Љубисав Иванов-Ѕинго од парламентарните избори во 2006 е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.  Ѕинго, по дебаклот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во октомври 2017, за медиумите изјави дека и покрај големиот пораз неговата партија останува партнер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира