Спортски натпревари може да одржуваат, но без публика, одлучи Владата. На денешната владина седница донесена е одлука за престанок на важење на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови поради ширењето на коронавирусот. Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести со кои федерациите можат да почнат со организирање спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.
Денеска донесен е протокол за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Република Северна Македонија.
Владата одлучи оваа година бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип место за 20.000 да има за 60 илјади граѓани.
Владата донесе и Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на земјава поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија. Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.
А. АНТЕВСКА