СТОЛТЕНБЕРГ ЌЕ БИДЕ ПРЕЧЕКАН СО НАЈВИСОКИ ДРЖАВНИ И ВОЕНИ ПОЧЕСТИ

    СТОЛТЕНБЕРГ ЌЕ БИДЕ ПРЕЧЕКАН СО НАЈВИСОКИ ДРЖАВНИ И ВОЕНИ ПОЧЕСТИОд Владата брифираат дека посетата на Столтенгерг на Македонија која е негова прва официјална посета како генерален секретар на НАТО е јасна поддршка на работата на новата Влада и реформите кои ги спроведува.- Премериерот Зоран Заев при посетата на Брисел во јуни лани се сретна со Столтенберг. (Фото: Влада)

    Со највисоки државни и воени почести генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг утре ќе биде пречекан пред Владата од премиерот Зоран Заев.

    Средбата со премиерот Заев е закажана за 15 часот со официјална церемонија за пречек на највисоки гости. На платото пред Владата по пристигнувањето на Столтенберг ќе се интонираат химните на Македонија и НАТО, а како дел од почестите е рапорт на командантот на почесната воена гардиска единица, поздрав на знамето на Република Македонија и обиколка на почесната воена гардиска единица и поздрав од страна на генералниот секретар на НАТО.

    Од Владата брифираат дека посетата на Столтенберг на Македонија која е негова прва официјална посета како генерален секретар на НАТО е јасна поддршка на работата на новата Влада и реформите кои ги спроведува.

    „Владата од јуни работи на оваа посета. Премиерот Зоран Заев при посетата на Брисел минатата година го покани генералниот секретар Столтенберг во официјална посета на Македонија. Ова покажува дека Македонија е од стратешки интерес за НАТО и останува политиката за отворена врата за влез во Алијансата“, брифираат од Владата.

    Столтенберг пристигнува во Скопје вечерва, а официјалните средби ги почнува утре изутрина. Генералниот секретар на НАТО прво ќе има средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, па со претседателот Ѓорге Иванов и со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Потоа Столтенберг заминува во Собранието на средба со претседателот Талат Џафери, па ќе следува негово обраќање пред пратениците. Во Собранието ќе се одржат и средбите со лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ Али Ахмети и Христијан Мицкоски.

    Последната посета на генерален секретар на НАТО на Македонија беше во 2014 година, кога Андерс Фог Расмусен ја посети земјава на крајот на неговиот мандат.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира