СТОЛТЕНБЕРГ НА СРЕДБИТЕ ВО СКОПЈЕ СЕ ВОЗЕШЕ СО МЕРЦЕДЕСОТ ОД 600.000 ЕВРА КУПЕН ЗА ГРУЕВСКИ

    СТОЛТЕНБЕРГ НА СРЕДБИТЕ ВО СКОПЈЕ СЕ ВОЗЕШЕ СО МЕРЦЕДЕСОТ ОД 600.000 ЕВРА КУПЕН ЗА ГРУЕВСКИСтолтенберг со мерцедесот од бомбите стигна вчера во Владата, на средбата со премиерот Зоран Заев. Со истото возило се возеше и во текот на целиот ден на средбите со претседателот Ѓорѓе Иванов, министрите за одбрана и надворешени работи Радмила Шекеринска и Никола Димитров и со лидерите на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Христијан Мицкоски и Али Ахмети во Собранието.(Фото: М. Златевска)

    Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг при дводневната посета на Македонија се возеше со мерцедесот од 600.000 евра купен за експремиерот Никола Груевски. Столтенберг со мерцедесот од бомбите, за кој случај отвори и Специјалното јавно обвинителство (СЈО), стигна вчера во Владата на средбата со премиерот Зоран Заев. Со истото возило се возеше и во текот на целиот ден на средбите со претседателот Ѓорѓе Иванов, министрите за одбрана и надворешени работи Радмила Шекеринска и Никола Димитров и со лидерите на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Христијан Мицкоски и Али Ахмети во Собранието.

    Досега, неколкупати високи гости кои биле во официјална посета на Македонија се возеа во луксузниот мерцедес. Прв во мерцедесот седна поранешниот генерален секретар на ОН Бан Ки-мун, за време на неговата посета во јули 2012, а лани во август со мерцедесот се возеше и премиерот на Бугарија Бојко Борисов, кога беше потпишан Договорот за добрососедство.

    Пред еден месец, со одлуката на Влада мерцедесот беше предаден од МВР на Службата за општи и заеднички работи, за да почне постапката за продажба (Фото: М. Златевска)

    Премиерот Зоран Заев во октомври лани на централниот митинг во Скопје за локалните избори најави дека Владата нема да го користи мерцедесот, туку тој ќе се замени за амбуланти возила за клиниките. Пред еден месец, со одлуката на Влада возилото беше предадено од МВР на Службата за општи и заеднички работи, за да почне постапката за продажба.

    „Во тек е процедурата за продажба на возилото“, велат од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

    Мерцедесот ќе се даде на проценка во Бирото за судски вештачења, каде ќе се утврди колкава е неговата вредност во моментов. Потоа ќе се објави лицитација, почетната цена на возилото ќе биде онаа која ќе се утврди со вештачењето, па преку наддавање ќе се продава.

    За набавката на луксузниот мерцедес по желба на Никола Груевски, Специјалното јавно обвинителство го води случајот „Тенк“. Во „Тенк“ ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и помошник-министерот за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи со набавката го оштетиле буџетот за повеќе од половина милион евра. Експремиерот Никола Груевски е обвинет за примање противзаконита награда.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира