СУДИИТЕ ИЗВИСИЈА, МИНОСКИ НЕ ИМ ГО ДАВА ПОКАЧУВАЊЕТО ОД 10 ОТСТО ШТО ИМ ГО ВЕТИ КАРАЏОВСКИ

    СУДИИТЕ ИЗВИСИЈА, МИНОСКИ НЕ ИМ ГО ДАВА ПОКАЧУВАЊЕТО ОД 10 ОТСТО ШТО ИМ ГО ВЕТИ КАРАЏОВСКИВетеното покачување требаше да биде само за мартовската плата.- Министерот за финансии Кирил Миноски и претседателот на Судски совет Зоран Караџоски

    Паника и нервоза се рашири кај судиите и вработените во судската администрација откако синоќа дознаа дека пропаѓа зголемувањето од 10 отсто на платите што им го вети претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски. Од вчера, нивните плати, кои и онака доцнат неколку дена, се прекнижуваат и се враќаат назад по старо. Покачувањето се брише, а министерот за финансии Кирил Миноски, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, го известил Караџовски дека пари за ветеното покачување, нема овој месец во касата.

    Веста за покачувањето на платите на судиите и на судската администрација ја објави на 28 март годинава претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, кој раководи и со судскиот буџет. Тој ден, на итна седница, Судскиот совет донесе одлука за зголемување на платите, поради незадоволството во судството што обвинителите и обвинителската администрација земаа повисоки плати за 20 отсто, а тие не.

    „Ова што се случува со платите во судството нема да донесе добро. Обвинителите не само што зедоа за март 20 отсто поголеми плати, туку ним ретроактивно ќе им бидат исплатени и додатоците од исто толкав процент од плата и за јануари и февруари. Тие имаат во просек поголема плата од судиите за 14.000 денари. Македонија е единствената држава со демократскиот свет кадешто обвинителите земаат повисоки плати од судиите, или кадешто странка во постапката зема поголема плата од тој што ја води постапката. Обвинителите, како и адвокатите, се странки во постапките што се водат пред судовите“, реагираат судиите во нашата редакција, но дури и овојпат анонимно.

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК најави дека Судскиот совет со официјална информација за платите на судиите и на судската администрација ќе излезе во текот на денешниот ден.

    Исплаќањето на додатоци на плата за месец март за 600-тините судии беше предвидено според измените на Законот за судии донесени во декември 2015 година, каде тогашното парламентарно мнозинство изгласа зголемување на додатоците за судиите и до 30 отсто, ако има средства.
    За 2.500-те вработени во судската администрацијата, пак, Судскиот совет на седницата на 28 март нашол можност за покачување, како што рече Караџовски, во Колективниот договор за јавниот сектор.

    На новинарско прашање дали е во ред обвинител да има поголема плата од судија, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски тогаш одговори: „За мене судиите се крајната инстанца и тие се највисоко на пиедесталот на една постапка“.
    Караџовски објаснуваше дека покачувањето е само за 10 отсто и само на мартовската плата, зашто толку имало пари во касата.

    „Покачувањето ќе се случува месец за месец, зависно од тоа колку пари ќе има во касата. Ако нема пари, некои месеци и нема да има додатоци на платите. И процентот ќе зависи од тоа. Се уште нема нова Влада, нема Собрание, не може ни да има ребаланс на Буџетот. Не знаеме во следните месеци колку пари ќе има во касата“, објасни тогаш Караџовски.

    Но, не помина обидот ни за ад хок крпење на платите на судската администрација и на судиите. Според судиите, администрацијата се дисциплинира поради тоа што лани протестираше за повисоки плати и подобри услови за работа два и пол месеци пред Министерството за правда, а судиите затоа што се уште меѓу нив има такви кои пружаат отпор и не се со власта.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира