„СУДИЈКЕ, КАДЕ ВИ Е СВЕДОКОТ ГРУЕВСКИ“, ПРАША ОДБРАНАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЧ“

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    „СУДИЈКЕ, КАДЕ ВИ Е СВЕДОКОТ ГРУЕВСКИ“, ПРАША ОДБРАНАТА НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЧ“

    Судот повторно не го поканил сведокот Никола Груевски, експремиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Пуч“, што денеска се одложи на неопределено време, оти двете поротнички немаа безбедносен сертификат, а Судот не обезбедил резервни поротници со потребниот сертификат за ваков случај, кај што треба да се разгледуваат посебни истражни мерки како доказ.

    “Застанете! Не си одете судија, и одговорете кај ви е сведокот Никола Груевски? Ова е процедурална реакција и мора да ми одговорите. Зошто Судот не го поканил сведокот Груевски за денешното закажано рочиште?“, инсистираше на одговор од судијката Љубинка Башевска станат од местото Филип Медарски, адвокатот на обвинетите Зоран Заев и на Зоран и Соња Верушевски.

    Реагираше и Зоран Верушевски: “Чекајте, ова не може повеќе вака! Не можете до бескрај да го одлагате ова судење и да ја мафтосувате целата јавност!“

    “Престанете. Го навредувате судот. Ќе ве казнам за нарушување на редот во судницата!“, викаше судијката Љубинка Башевска, која откако го одложи судењето, тргна да си оди, ама мораше да се врати, оти Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не ја пушташе да замине, обвинувајќи ја дека година дена ја манипулира јавноста и го одлага судењето во кое треба да се разјасни дали прислушувала УБК или странски служби во жолти комбиња, како што тврдеше сведокот Никола Груевски.

    “Казнете ме, слободно казнете ме. Но, нема да си одите. Еве го мојот безбедносен сертификат. Покажете го сега вашиот и набројте кој од вашиот судиски совет има, а кој нема безбедносен сертификат. Ете, да расчистиме и следен пат да не го користите ова како причина за одлагање“, инсистираше Јанева, која дојде до пултот на судијката.

    “Немате право вие да барате од мене безбедносен сертификат. Седете, вие не го почитувате судот“, рече Башевска и фати да диктира во записник како се однесувала Јанева во судницата.

    “Доста!“, викна од другата страна Медарски. “Одговорете кај ви е сведокот Груевски“, инсистираше тој.

    Откако не доби одговор кој од советот има, а кој нема сертификат за овој процес, Јанева продолжи:

    “Како не ви е срам! Една година ја манипулирате јавноста, нѐ малтретирате сите. Првин не ни ги дававте доказите, ние од СЈО сме немале безбедносни сертификати. Потоа некој од вас се разболел, па судењето го одлагавте. Сега пак го одлагате, немале сертификат поротниците. Седете тука, зошто ја напуштате седницата. Зошто го одлагате судењето? Кажете што ќе правите на трети, на седми овој месец, за кога требаше да продолжи денешното рочиште?“, бараше одговор Јанева.

    “Јас кажав дека оној момент кога ќе бидат обезбедени потребните документи за поротниците, писмено ќе ве известам. Затоа судењето се одлага на неопределено“, диктираше во записник судијата Башевска, која со едната нога беше веќе кон задната врата да си замине и да ја напушти судницата.

    “Што диктирате вие, зошто ги запишувате само вашите зборови во записникот, зошто не го запишете ова што јас го зборувам? Зошто не ги запишувате мојата реакција и моите аргументи, како и ова што јас ви го поставувам како прашање?“, зачудена беше Јанева. Башевска остана само уште неколку секунди, за да ѝ врати на Јанева дека таа манипулира во врска со одлагањата за „Пуч“, бидејќи не ја зборувала вистината, на што Јанева дополнително се разлути.

    Судијката не ги казни Специјалната обвинителка и адвокатот Медарски, среде кавга ги собра списите од пултот и си замина од специјалната вратичка за судии. По ова, лидерот на СДСМ Зоран Заев даде изјава надвор пред Судот:

    “Судството е на колена. Ова е политички, а не правен процес и е срам за судството. Но вака ќе биде уште само 40 дена. Потоа ќе следуваат промени во судството“, рече Заев, обвинувајќи го Основниот суд Скопје 1 и претседателката на судискиот совет Љубинка Башевска дека го кријат сведокот Груевски пред изборите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира