ТАТКОТО НА БЕБЕТО СЕ ЗАКАНУВАШЕ ДЕКА ЌЕ НЀ УБИЕ И ПОКАЖУВАШЕ УНИФОРМА ОД ПРИВАТНА КЛИНИКА, ВЕЛАТ ОД СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА

    ТАТКОТО НА БЕБЕТО СЕ ЗАКАНУВАШЕ ДЕКА ЌЕ НЀ УБИЕ И ПОКАЖУВАШЕ УНИФОРМА ОД ПРИВАТНА КЛИНИКА, ВЕЛАТ ОД СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА„Таткото бил во придружба на друго женско лице, кое се претставило како близок член на семејството и кое се претставило како лице вработено во скопска приватна клиника, покажувајќи униформа со знак на истата“, велат од Клиниката за гинекологија

    Во вчерашниот инцидент на Скопска гинекологија, предизвикан од татко на новороденче, кој тврдеше дека му го нема бебето, на вработените им се заканувал дека ќе ги убие и дека ќе им фрли бомба, соопшти Клиниката за гинекологија и акушерство.

    „Лицето кое го предизвикало инцидентот, а сопруг на породена пациентка, дошол да го види бебето во време на утринска визита и во време кога не е дозволена посета и покрај укажувањата од страна на вработените лица. Таткото не бил одбиен да го види своето дете туку му било кажано да дојде во време одредено за посета, односно во 16 часот. Таткото се однесувал неверојатно агресивно и пред очите на многу други цивили. Во неколку наврати се втурнува на одделение на кое е забрането влез на цивилни лица, што е забележано и на безбедносните камери. Се заканувал удирајќи со тупаници по стаклото од шалтерот со зборови дека ’ќе фрлам бомба‘, ’сите ќе ве убијам‘, по што реагирале и вработените“, велат од ГАК.

    ГАК ја демантира изјавата на таткото, дадена за телевизијата Сител, дека му го нема бебето, и додава дека му било кажано дека родилката, која се породила завчера попладне со царски рез, сè уште е на интензивна нега и дека таму е целокупната документација.

    „Лицето во неколку наврати културно било информирано за редот на работата и процедурата на покажување на новороденчињата. Таткото бил во придружба на друго женско лице, кое се претставило како близок член на семејството и кое се претставило како лице вработено во скопска приватна клиника, покажувајќи униформа со знак на истата. Лицето кое го предизвика инцидент во изјавата потврдува дека веќе еднаш го видел бебето завчера, веднаш по породувањето, така што не му било скратено правото да го види своето дете“, велат од Клиниката за гинекологија.

    Случајот освен таткото на бебето, во полиција вчера го пријави и Клиниката за гинекологија. Од МВР велат дека по двете пријави, една од граѓанинот, а друга од Клиниката, преземаат мерки за расчистување на случајот.

    Од Клиниката велат дека таткото ги навредувал медицинските сестри и докторката со највулгарни зборови пред многу сведоци, а неговото движење и реакции се снимени на безбедносните камери на клиниката како и моментот на физичко оттурнување на вработено лице на клиниката.

    „Полицијата ги нотираше изјавите од вработените дека таткото во никој случај не добил информација дека такво дете не постои. Детето по породувањето е покажано и на мајката и на таткото. Не е точна изјавата дека му е покажано бебе со погрешно презиме, бидејќи новороденчињата не се водат по име и презиме туку по број и родилен протокол, а таткото во ниту еден момент пред персоналот не рекол дека му покажуваат погрешно бебе“, велат од ГАК.

    Од Гинекологија велат дека правото на посета на најблиските никому не е скратена, но дека и семејствата на родилките треба да ги почитуваат правилата на установата кога може да дојдат на посета, кои се поставени за да се заштити здравјето и безбедноста токму на лицата кои се таму хоспитализирани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира