ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА НА ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ ЗА ЕСЕНВА СПРЕМА ИЗДАВАЊЕ НОВА ЕВРООБВРЗНИЦА

    ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА НА ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ ЗА ЕСЕНВА СПРЕМА ИЗДАВАЊЕ НОВА ЕВРООБВРЗНИЦАПолиција го чува Министерството за финансии од протестот против еврообврзницата од 450 милиони евра на 11 јули, 2016 (Фото: СДК.МК)

    Актуелната власт размислува и презема подготвителни активности за издавање на нова еврообврзница во четвртиот квартал од годинава, за да ги отплати долговите кои достасуваат за наплата идната година, извести деловниот информативен сервис „Интелињуз“, повикувајќи се на извори од австриската банка „Рајфајзен“. Според сервисот, ако новата еврообврзница биде издадена најкраток можен рок на достасување за отплата би бил 1 декември, 2020. Кој би бил износот на оваа идна еврообврзница, не е наведено.

    Од Министерството за финансии за „Интелињуз“ изјавиле дека одлуката дали и кога ќе биде издадена новата еврообврзница ќе зависело само од актуелните услови на пазарите на капитал. Тие додале дека „Македонија е компетитивна на меѓународните пазари на капитал и постојано одржува контакти со инвеститорите“.

    Сепак, според „Рајфајзен“, власта веќе правела подготвителни „роуд-шоуа“ на кои ги информирала инвеститорите за економската и за политичката состојба во земјава.

    „Продолжената политичка криза се заканува со нови предвремени избори. Исто така, се чувствуваме помалку вознемирени во однос на владините инвестициски планови кои би го зголемиле јавниот долг на Македонија од сегашните 48 проценти од домашниот бруто-производ на 55 проценти на среден рок. Ова нè потсетува на случајот со една друга мала балканска земја, Црна Гора, чија преамбициозна инвестициска програма доведе до значително нарушување на јавните финансии и на надворешната ликвидносна позиција“, велат од австриската банка, за овој можен чекор на македонските власти.

    Според Буџетот за 2017, и годинава Македонија ќе издаде еврообврзница. Со неа треба да се покрие дел од буџетскиот минус, кој според Предлог-буџетот за 2017 изнесува 302,5 милиони евра или 3% од БДП.

    „Финансиските средства за проектираниот дефицит за 2017 и отплатата на  долговите  ќе  се  обезбедат  преку  задолжување  во  странство  со издавање  на  Еврообврзница  на  меѓународниот  пазар  на  капитал,  со задолжување  на  домашен  пазар  на  државни  хартии  од  вредност  и  со повлекување  на  средства  од  поволни  кредити  од  меѓународни финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти”, пишува во Предлог-буџетот за 2017. Владата ќе се задолжи во странство со 286,7 милиони евра, а од домашните банки ќе позајми 289,9 милиони евра. По основ на стари кредити во 2017 треба да врати 301,2 милиони евра.

    Лани на 14 јули, Македонија го одложи издавањето на еврообрзницата од 450 милиони евра откако опозицијата ја оспори законитоста за издавање. Издавањето беше одложено откако со писмо од 14 јули Кире Наумов, кој беше дополнителен заменик министер за финансии во Владата за спроведување избори,од името на СДСМ испратил писмо до водечките светски медиуми специјализирани за бизнис, како што се Блумберг, Форбс, Томсон Ројтерс, Си-Ен-Ен, Би-Би-Си и водечките банки заинтересирани да инвестираат во еврообрзницата, дека издавањето на еврообврзницата не е законско и треба да бидат внимателни при Буџеткупувањето.

    Подоцна еврообврзницата беше сепак беше издадена и ребалансот на буџетот за 2016 сосе неа беше усвоен на 30 јули, а за тоа не гласаа пратениците на опозицијата.

    Владата тогаш го фати последниот воз за издавање на еврообрзницата од 450 милиони евра, затоа што на 19 август кредитниот рејтинг на Македонија според рејтинг агенцијата Фич беше спуштен од „ББ+“ на „ББ“. Според соопштението на агенцијата Фич, намалувањето на кредитниот рејтинг со натамошна негативна перспектива се должи на „обвинувањата за корупција што ги потврдуваат недостатоците во стандардите на добро владеење“, како и „ опструкциите што во истрагите за корупција на високо ниво му се прават на Специјалниот обвинител“. Во Министерството за финансии им било јасно дека кредитниот рејтинг на Македонија ќе биде спуштен улте во јули кога луѓето од рејтинг агенцијата Фич биле дојдени за нова проценка, затоа и Владата брзаше по секоја цена да се задолжи кај странските инвеститори.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира