ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА ЗА ТЕУТА АРИФИ И ИЗЕТ МЕЏИТИ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА ЗА ТЕУТА АРИФИ И ИЗЕТ МЕЏИТИ

    Неколку часа откако Демократската унија за интеграција соопшти дека не донела одлука да прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Никола Груевски имаше мандат за составување влада, Трудовата инспекција влезе во општините Тетово и Чаир.

    Со инспекции се расправаше и градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта, кој јавно кажа дека е против коалицирање со Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. По неговата изјава, во општина Гостивар влезе да истражува криминал Финансовата полиција.

    Градоначалникот на Чаир Изет Меџити потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК дека инспектори од Трудовата инспекција најавиле посета на општината.

    „Денеска одморам. Не сум на работа. Но, од општината ми кажаа дека претставници од Трудовата инспекција најавиле дека ќе дојдат. Дали навистина биле, не знам“, ни рече Меџити.
    На прашање која е целта на нивната посета и зошто таа доаѓа веднаш по одлуката на Ахмети и на претседателството на ДУИ да не коалицира повеќе со досегашниот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ, Меџити вели: „Не знам зошто е посетата. Може ќе ги проверуваат филтрите за пушење дали се океј“.

    Трудовата инспекција денеска изврши контрола и во општина Тетово. Неофицијално, тројца инспектори, без најава влегле во канцеларијата на секретарката на општината. Вршеле наводно контрола за пушење.
    Според соопштението од Општината, „добро е што токму денеска институциите избрале да вршат вакви контроли“.
    Од општината велат дека ги поддржуваат инспекциите кои се согласно законот и даваат до знаење дека актуелната администрација е посветена на сузбивање на пушењето во објектот.

    Градоначалникот на Гостивар Незат Бејта, член на претседателството на ДУИ, на 19 јануари, кога во општината му упадна финансиската полиција, изјави дека „вистинскиот криминал е во Владата, a не во општина Гостивар“. Финансиската полиција ги чешлаше документите за инфраструктурен проект во општината, веднаш по неговата изјава дека Албанците не сакаат коалиција со Никола Груевски.

    Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, пак, јавно кажа дека нејзиниот став се темели на потпишаното во Пржино, кој, рече, е став и на меѓународната заедница. Дел од точките во Пржинските договори 1 и 2, како што е познато, се преточени во заедничката Платформа на Албанците од Македонија, од која, пак, се извлечени основните точки за преговарање за нова влада: албанскиот јазик, СЈО и евроинтеграцијата.
    „Нашите позиции за кои нема да преговараме, се прашањето за албанскиот јазик и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Сите ние сме свесни дека има меѓународна сериозна порака да имаме кредибилна влада, во однос на одговорностите од Пржинскиот договор, заедно со СЈО, обврските кои се преземени во извештајот на Прибе, според мене ова е кредибилно“, рече Арифи во ТВ интервју пред состанокот на претседателствоот на ДУИ.

    И членот на раководството на ДУИ Бујар Османи, во интервју кажа дека за продолжувањето на мандатот на СЈО во преговорите за нова влада ДУИ не прави компромис и оти мисли дека претседателството на партијата нема да се согласи во новата влада да има осомничени функционери од страна на Специјалното обвинителство.

    На овој став бил и градоначалникот на Чаир Изет меџити, кој до последно тврдел дека коалицирањето со Груевски и со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде не само разорно по ДУИ како партија, туку ќе им наштети на интересите на сите Албанци во Македонија.

    С. К. Делевска

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира