Врховниот судија Наќе Георгиев, денеска е уапсен во моментот кога зема мито за да му заврши работа, односно услуга на обвинет.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, соопшти МВР.
Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип, пред да биде избран за врховен судија. САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше дека група апелациони судии од овој суд беа разрешени, а за истото несовесно работење само Георгиев беше поштеден.
Кога претставката против него се најде дополнително пред Судскиот совет, групата која направи пуч со незаконската смена на претседателката Весна Дамева, комплетно го исчисти Георгиев и му овозможи да се кандидира за член на Судскиот совет.
Во знак на бојкот поради тоа што се случуваше во Судскиот совет, врховните судии не се кандидираа за местото, освен Наќе Георгиев. Сам на кандидатската листа, тој се самоизбра за член на Судскиот совет, но дента кога требаше да даде заклетва во Парламентот мораше да се откаже, оти со син му се најдоа пред прекршување на законите. Синот требаше истиот ден да го бираат за судија, па требаше да остане или таткото или тој. Таткото Георгиев мораше да се повлече од член на Судскиот совет и да се врати во Врховниот суд, но само до денеска.
Ако побара Обвинителството, Судскиот совет ќе треба да одлучи за притворот и за имунитетот на Георгиев, бидејќи во членот 36 од Законот за Судскиот совет меѓу другото се наведува дека Советот одлучува „по барање за одобрување на притвор за судија“ и „по барање за одземање на имунитет на судија“.
С. К. ДЕЛЕВСКА