УПАДОТ НА ЗЛАТНА ЗОРА НА ИЗЛОЖБАТА НА СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ ВО СОЛУН ВЛЕЗЕ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО ГРЦИЈА

    УПАДОТ НА ЗЛАТНА ЗОРА НА ИЗЛОЖБАТА НА СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ ВО СОЛУН ВЛЕЗЕ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО ГРЦИЈАЛани на 27 април во Солун беше отворена изложбата „Неизложени дела на хартија“ на Сегеј Андреевски (десно). (Фото: МИА)

    Нападот на изложбата на македонскиот сликар Сергеј Андреевски во Солун влезе во извештајот за човекови права за 2023 во Грција на американскиот Стејт департментот.

    Лани на 26 април, маскирани лица упаднаа во галеријата во Солун каде што беше поставена изложбата „Неизложени дела на хартија“ на Андреевски, при што се однесувале непристојно и вулгарно во обид да ја прекинат изложбата, по што си заминале. Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) тогаш изјавија дека немало физичко насилство, ниту била предизвикана материјална штета, но поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција.

    Во извештајот на Стејт департментот, во секцијата за граѓански слободи, е наведено дела лани во мај и јуни „полицијата уапси 10 лица, меѓу кои и осомничени членови на партијата Златна зора, под наводи за напад на изложба на уметникот од Северна Македонија Сергеј Андреевски, во Каламарија, северна Грција. Осомничените маскирани лица упаднале на изложбата, го принудиле уметникот да ги симне неговите дела и не им дозволувале пристап на гостите. Во своите летоци, поддржувачите на Златна зора го осудуваа доделувањето јавен простор на уметник кој потекнува од земја за која тврдеа дека ја ‘поткопува’ и ‘фалсификува’ грчката историја“.

    МНР лани соопшти дека за инцидентот се известени и Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапиле во контакт со надлежните органи на Грција, а информирано било и грчкото Министерство за надворешни работи.

    „Денеска во МНР е повикана грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат изразени очекувањата од нашиот сосед да ги преземе сите мерки за откривање и процесирање на сторителите“, соопшти МНР на 27 април.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира