В ЧЕТВРТОК ПРЕСУДИ ЗА ДЕСЕТМИНАТА ОБВИНЕТИ ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО НА СЕЛА ВО СОБРАНИЕТО

    В ЧЕТВРТОК ПРЕСУДИ ЗА ДЕСЕТМИНАТА ОБВИНЕТИ ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО НА СЕЛА ВО СОБРАНИЕТО„Единствена околност што го спасила Зијадин Села од смрт е што обвинетите и останатите непознати насилници кои не се опфатени во ова обвинение, мислеле дека е мртов", рече обвинителот Дарко Јакимовски; - Обвинетите за претепувањето на Зијадин Села во судница (Фото: СДК.МК)

    Во четврток во 10 часот е закажан термин за изрекување на пресудите на десеттемина обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, при организираниот напад на Собранието на 27 април лани.

    „Не сум виновен, не сум убиец, не се каам што влегов и протестирав во Собранието на 27 април лани, но не сум убиец, бранев, а не убивав“, беа завршните зборови на обвинетите со кои тие денеска побараа ослободителни пресуди.

    Ова уследи откако обвинителот Дарко Јакимовски од Основното јавно обвинителство Скопје во детали, во завршен збор потсетувајќи на факти во десетиците снимки што ги нашол за насилствата, за секој обвинет кажа како придонел во тешкото кривично дело против Села. Тој беше толку многу истепан и изгазен по главата, што како што се гледаше и на снимките, не мрдаше, немаше никакви движења.

    „Единствена околност што го спасила Зијадин Села од смрт е што обвинетите и останатите непознати насилници кои не се опфатени во ова обвинение, мислеле дека е мртов”, рече обвинителот Јакимовски.

    Тој потсети на зборовите на Стојан Павлески кој призна вина: „Добри беа тие зборови дека Села е мртов. Ако знаеја дека е жив, верувајте, ќе беше многу лошо“.

    Ова е дистанционен деликт каде последицата не доаѓа веднаш, објасни Јакимовски како овие обвинети секој со свое дејствие придонел во обидот за убиство на Села. Досега сите случаи за организираниот напад на Собранието на 27 април, 2017 завршија со затворски казни. За тие што признаа вина, казните беа во извесна доза поблаги.

    Следува пресудата за овие обвинети, а потоа на 22 август, почеток на големото судење за организација на нападот на Собранието, каде има над 30 обвинети пратеници, ексдиректорот во МВР Митко Чавков, полициски старешини, уметници, луѓе од УБК и од Агенцијата за разузнавање, сите обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок на Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира