Обвинителите од СЈО Трајче Пеливанов и Артан Ајро побараа, но не добија раздвојување на постапката за обвинетите во „Тврдина -Таргет“ Горан Грујевски и Никола Бошкоски за масовното незаконско прислушување на десетици граѓани, членови на СДСМ, на ВМРО ДПМНЕ, на новинари, од онаа на Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и останатите обвинети во овој случај. Адвокатот на избеганите Грујевски и Бошкоски се спротивстави на овој предлог, зашто немало законска можност недостапни обвинети во оваа фаза кога одлучуваат грчките судови за нив, да се издвојуваат во посебно судење.
В петок, Врховниот суд на Грција треба да ја објави одлуката дали Грујевски и Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија, но СЈО смета дека таа одлука е неизвесна и не може поради нивното отсуство по третпат да се одлага овој судски процес и да не може поради нив да почне.
Судијката Џенета Бектевиќ кажа дека најцелисходно е да се почека одлуката до петок, но не го одби барањето на СЈО, кое ќе важи во случај Врховниот суд да одлучи да не ги екстрадира Грујевски и Бошкоски.
Покрај Грујевски, Бошкоски и Мијалков, во „Тврдина-Таргет“ обвинети се и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, тогашниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, Владимир Варелов и уште шестмина од УБК.
Ни судењето за „Трезор“ за незаконската набавка на британската опрема за прислушување за УБК не може да почне поради недостапноста на Грујевски.
Судењето за „Тврдина – Таргет“ се одложи за 19 јуни.
С.К. ДЕЛЕВСКА