В ПЕТОК ОДЛУКА НА ГРЧКИОТ ВРХОВЕН СУД ДАЛИ ЌЕ ГИ ИСПРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, СЈО БАРА ОДВОЕНО СУДЕЊЕ ЗА НИВ ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    В ПЕТОК ОДЛУКА НА ГРЧКИОТ ВРХОВЕН СУД ДАЛИ ЌЕ ГИ ИСПРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, СЈО БАРА ОДВОЕНО СУДЕЊЕ ЗА НИВ ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“В петок, Врховниот суд на Грција треба да ја објави одлуката дали Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија, но СЈО смета дека таа одлука е неизвесна и не може поради нивното отсуство по третпат да се одлага овој судски процес и да не може да почне поради нив; - Грујевски и Бошкоски пред Солунскиот суд

    Обвинителите од СЈО Трајче Пеливанов и Артан Ајро побараа, но не добија раздвојување на постапката за обвинетите во „Тврдина -Таргет“ Горан Грујевски и Никола Бошкоски за масовното незаконско прислушување на десетици граѓани, членови на СДСМ, на ВМРО ДПМНЕ, на новинари, од онаа на Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и останатите обвинети во овој случај. Адвокатот на избеганите Грујевски и Бошкоски се спротивстави на овој предлог, зашто немало законска можност недостапни обвинети во оваа фаза кога одлучуваат грчките судови за нив, да се издвојуваат во посебно судење.

    В петок, Врховниот суд на Грција треба да ја објави одлуката дали Грујевски и Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија, но СЈО смета дека таа одлука е неизвесна и не може поради нивното отсуство по третпат да се одлага овој судски процес и да не може поради нив да почне.

    Судијката Џенета Бектевиќ кажа дека најцелисходно е да се почека одлуката до петок, но не го одби барањето на СЈО, кое ќе важи во случај Врховниот суд да одлучи да не ги екстрадира Грујевски и Бошкоски.

    Покрај Грујевски, Бошкоски и Мијалков, во „Тврдина-Таргет“ обвинети се и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, тогашниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, Владимир Варелов и уште шестмина од УБК.

    Ни судењето за „Трезор“ за незаконската набавка на британската опрема за прислушување за УБК не може да почне поради недостапноста на Грујевски.

    Судењето за „Тврдина – Таргет“ се одложи за 19 јуни.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари