ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ВО ЗЕМЈАВА НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ЛИЦА ПОД 60 ГОДИНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ВАКЦИНАТА НА „АСТРАЗЕНЕКА“ ВО ЗЕМЈАВА НЕМА ДА СЕ ДАВА НА ЛИЦА ПОД 60 ГОДИНИ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕДосега во земјава се вакцинирани 15.500 граѓани, а во „Арена А1 Борис Трајковски“ денес се вакцинираат здравствени работници и наставници од прво до трето одделение. (Фото: К. Попов)

    Вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ во земјава нема да се дава на лица под 60 години,рече денеска министерот за здравство Венко Филипче пред салата “А1 арена Борис Трајковски” каде тече имунизацијата.
    Одлуката е донесена по вчерашното соопштение од Европската агенција за лекови (ЕМА) дека необичен тип на тромбоза може да се смета за многу редок несакан ефект на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ и Оксфорд.

    „Ќе ги следиме препораките и во наредниот период ќе донесеме став за ревакцинација на граѓаните кои оваа вакцина ја примија во Србија“, кажа Филипче.

    За оние лица под 60 години кои веќе примија вакцина во Србија, нема посебни препораки во моментот.

    „Доколку почувствуваат некакви симптоми да се јават на контола и преглед кај лекар, но засега освен еден случај не е пријавена друга компликација. Во однос на ревакцинацијата за овие граѓани со препораки ќе излеземе откако ќе се направат дополнителни консултации и анализи. Ревакцинацијата е за три месеци што значи дека има доволно време да се донесе одлука согласно искуствата и препораките од експеритите и други европски агенции за лекови кои ќе ги добиеме во следниот период“, рече Филипче.

    Досега во земјава се вакцинирани 15.500 граѓани, а во „Борис Трајковски“ денес се вакцинираат здравствени работници и наставници од прво до трето одделение.

    Министерот кажа и дека од вчера е забележано мало спласнување во однос на бројката на новозаболени од ковид-19.

    „Денеска полека бројот се намалува на заболени. Да не прецизирам, но очекуваме околу 1.200 заразени лица. Многу веројатно е пикот да е зад нас, но тоа ќе го кажеме наредната недела“,рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира