ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НЕМА ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СПРЕМА ОБРАЗОВНА КАМПАЊА

    ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19 НЕМА ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СПРЕМА ОБРАЗОВНА КАМПАЊАВо Министерството за здравство се свесни дека околу вакцинацијата постојат различни мислења и теории кои многу лесно се шират преку социјалните мрежи, па затоа подготвуваат кампања за едукација и информирање, за луѓето да одлучат дали ќе се вакцинираат или не. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вакцината против ковид-19 нема да биде задолжителна и граѓаните сами ќе одлучат дали ќе се вакцинираат или не. Во Министерството за здравство се свесни дека околу вакцинацијата постојат различни мислења и теории кои многу лесно се шират преку социјалните мрежи, па затоа подготвуваат кампања за едукација и информирање.

    „Ќе обезбедиме релевантни информации за да ги информираме граѓаните за вакцината, за самите да одлучат дали ќе се вакцинираат или не“, велат од Министерството за здравство.

    Сега, кога вакцината против ковид-19 е одобрена и земјите се подготвуваат за вакцинацијата, владите низ светот се соочуваат со дилемата дали ако е мал бројот на луѓе кои ќе се вакцинираат доброволно, треба да воведат задолжителна вакцинација. Кај нас на оваа тема сè уште не се размислува. Од Министерството за здравство велат дека остануваат на ставот оти вакцинацијата треба да биде доброволна, секој сам да одлучи дали ќе се вакцинира.

    Македонија ќе добие вакцини против ковид-19 за 400.000 луѓе. Ковакс договорот што го има потпишано земјава предвидува вкупно 833.000 дози од вакцината против ковид-19 за 20 отсто од населението, бидејќи е потребно да се примат по две дози. Сепак, овие 833.000 дози нема да стигнат сите одеднаш, вели претседателката на Комисијата за имунизација д-р Александра Грозданова, туку со динамика и план согласно нашите капацитети, а според неа, првите дози реално би требало да се очекуваат во првото тромесечие (јануари-март) од следната година.

    „Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација“, вели д-р Грозданова.

    Вакцинацијата со оваа вакцина ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведе здравствениот систем, за што, како што објаснуваат од Министерството, веројатно ќе ни треба помош и од други сектори. Ќе треба помош и организација да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе се аплицираат на лицата кои претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината.

    „На ова поле сериозно работиме. Сите економски оператори коишто и сега ги чуваат и ги дистрибуираат вакцините се ангажирани и работат на ова. Тие изразија максимална подготвеност и согласност да го поддржат овој систем. Искомуницирани се сите вакцинални пунктови и една американска фондација“, велат од Министерството за здравство.

    Од почетокот на пандемијата, во земјава се регистрирани 63.890 случаи на ковид-19, оздравени се 40.977 пациенти, починаа 1.825, а активни случаи се 21.088.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира