ВАНГЕЛОВСКИ ЌЕ ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА НА НЕДЕЛКОВА ДЕКА АПСЕЊЕТО НА ТЕМЕЛКО ПО НАЛОГ НА СЈО БИЛО ЗАКОНСКО

    ВАНГЕЛОВСКИ ЌЕ ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА НА НЕДЕЛКОВА ДЕКА АПСЕЊЕТО НА ТЕМЕЛКО ПО НАЛОГ НА СЈО БИЛО ЗАКОНСКООдлуката дека е законско апсењето на градоначалникот на Општина Пустец Едмонд Темелко по барање на СЈО како осомничен во случајот „Титаник“, ја донесе петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд што го раководеше експретседателката Лидија Неделкова. Претседателот Вангеловски сега најавува дека ќе ја смени одлуката

    Врховниот суд ќе ја смени одлуката дека апсењето на градоначалникот на Општина Пустец Едмонд Темелко по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) било законско, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на судот Јово Вангеловски.

    Одлуката дека апсењето е законско ја донесе петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд што го раководеше експретседателката Лидија Неделкова.

    Едмонд Темелко е сомничен во случајот „Титаник“.

    На прашањето како е можно одлуката да се смени кога веќе е донесена  едногласно, без ниту еден од врховните судии да биде против, Вангеловски појасни дека во случајот со апсењето на Темелко со цел да биде донесен пред судија на претходна постапка, не било постапено во целост според Законот за кривична постапка. Вели дека сепак имало прекршувања во таа постапка. Најави дека ќе се врши нејзино преиспитување и оти тој, како сегашен претседател на Кривичниот совет ќе ја потпише, а не неговата претходничка Лидија Неделкова, под чие претседателство лани пред Нова Година била донесена оваа одлука.

    „Таа одлука сѐ уште не е официјална. Неа јас ќе ја потпишам. Кога ќе ја потпишам тогаш ќе биде официјална. Исходот на одлуката по Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) за случајот Темелко може и да се смени“, најавува Вангеловски.

    Одлуката за Темелко е по Барање за заштита на законитоста на постапката поднесено токму од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода. Затоа Кривичниот суд потоа не одобри мерка притвор за Едмонд Темелко, еден од главните осомничени во „Титаник“, првата и најобемна истрага што ја поведе СЈО по број на осомничени. „Титаник“ се однесува на сомневања за изборни нерегуларности вршени во 2013 година.

    На општата седница на Врховниот суд, која почна вчера и на која беше отфрлено сѐ што беше на дневен ред, за денеска преостана уште предлогот на Вангеловски СЈО да нема право веќе да поднесува Барање на заштита на законитоста во постапката до Врховниот суд. Вангеловски, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во судот, сметал дека има законски недоречености за надлежностите на СЈО за поднесување БЗЗ и оти во законот јасно било наведено дека само Јавниот обвинител на РМ, во случајов Марко Зврлевски, има право да поднесе вакво Барање до Врховниот суд.

    СЈО, пак, и дел од врховните судии сметаат дека во законот за Специјалното обвинителство јасно е наведено дека сите надлежности на Јавниот обвинител ги има и Специјалниот обвинител.

    „Врховниот суд смета дека обвинителот од Специјалното јавно обвинителство правилно го применил законот, бидејќи станува збор за специфична постапка. Осомничениот има двојно државјанство, два пасоша, македонски и пасош на Република Албанија, па оттаму основани се  сомневањата на обвинителот за опасност од бегство, дека можеби ќе станел недостапен и нема да даде изјава“, објаснуваа за САКАМДАКАЖАМ.МК дел од врховните судии кои ја донеле одлуката во корист на СЈО.

    Пред да бидат тргнати од Кривичниот совет со новиот распоред што го направи Вангеловски, судиите објаснуваа дека се работи за специфичен случај, одлуката треба да е внимателно напишана и дека отсега како судска и обвинителска пракса, таа ќе важи во сите вакви случаи на лишување од слобода на осомничени со двојно државјанство.

    Темелко се поврзува со гласањето на стотици Македонци, жители на Пустец, Албанија, со незаконски издадени лични карти од МВР. Стотина од нив, како жители на само две-три адреси во Скопје, гласале во Општина Центар. Во „Титаник“ е осомничен дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет на партијата, но осомничени беа и 4 членови на ДИК, пет судии од Управниот суд, членови на Општинската изборна комисија Чаир, а пред околу еден месец, СЈО ја прошири истрагата за уште 17 лица.

    Темелко беше уапсен на 12 февруари лани, во неговата куќа во Ресен. Се жалеше дека полицијата по налог на СЈО упаднала во пет часот изутрина и го апсела без судски налог и пред малолетното дете.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира