По повеќе опомени и замолници да престане да зборува, да се смее и гестикулира на секое судско рочиште за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, денеска судијката Добрила Кацарска го искара Борис Дамовски, еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, и го седна него и адвокатот пред нејзините очи.
„Господине Дамовски, обвинет сте за сериозно кривично дело, јас не знам како може ноншалантно и иронично да се смеете цело време“, викна кон нив Кацарска и ги премести двајцата во прв ред, пред неа.
Дамовски ја праша: „Ви треба објаснување?“.
Кацарска: „Не треба објаснување во секој случај“.
Режисерот Дамовски е еден од лидерите на движењето „За заедничка Македонија“ чии протести кулминираа со нападот на Собранието, и е меѓу обвинетите заедно со оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски и членот на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски-Бетмен.
Денеска на судењето сведочат ексминистерот за здравство Никола Тодоров, и Зоран Заев, Оливер Спасовски и Весел Мемеди.
С. К. ДЕЛЕВСКИ