ВИНАТА ЗА НЕУСТАВНИОТ ЗАКОН ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА Е КАЈ СОБРАНИСКИТЕ СЛУЖБИ, НЕ КАЈ МЕНЕ И ЏАФЕРИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ

    ВИНАТА ЗА НЕУСТАВНИОТ ЗАКОН ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА Е КАЈ СОБРАНИСКИТЕ СЛУЖБИ, НЕ КАЈ МЕНЕ И ЏАФЕРИ, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИПендаровски му кажал на Собранието дека има утка со Законот за антидискриминација, но го потпишал зашто претседател не смее по вторпат да врати реизгласан закон. (Фото: Кабинет на Претседателот)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска од вилата Водно кажа дека неговиот кабинет ја известил собраниската служба дека при гласањето по вторпат на Законот за заштита од дискриминација е направена процедурална грешка, но оттаму му го пуштиле да го потпише.

    „Во тоа време кога тоа се случува, моите советници комуницираа со луѓето во Собранието за да им кажат дека овде е направена процедурална грешка. Но, тоа немаше ефект очигледно, дојде кај мене на потпис и знаете што? Кога доаѓа вторпат кај мене еден ист закон на потпис, јас немам право да одбијам да го потпишам. А што кога е очигледно дека еден закон не е донесен по процедура, а доаѓа вторпат? Јас не можам да го оспорам, морам да го потпишам, меѓутоа Уставниот суд го оспори и го собори, според мене, со кристално јасна правна основа“, одговори денеска на новинарско прашање Пендаровски, откако на денешната седница Уставниот суд го укина овој закон.

    Уставниот суд го укина зашто законот бил донесен на неуставен начин, без потребниот број на гласови на пратениците како за закон од оваа категорија, кој се гласа по вторпат.

    По денешната одлука на Уставниот суд, Република Северна Македонија остана без закон со кои се штитат маргинализираните луѓе во општеството, како ЛГБТ популацијата, социјално загрозените луѓе, Ромите и други. Овој закон беше услов и по неговото изгласување државата доби зелено светло за добивање датум за почеток на преговорите со Европската унија.

    Пендаровски ги посочи собраниските служби и Парламентот дека се виновни, а не и претседателот Талат Џафери,  за тоа што на неуставен начин бил донесен Законот за заштита од дискриминација.

    „Јас ги видов реакциите на здруженијата кои се бават со тие прашања и можам да кажам дека таму постои една флагрантна невистина. Реакцијата е дека кабаетот во една фаза е и кај кабинетот на претседателот на државата, како и во Собранието. Да сте на чисто ќе ви го образложам тоа во две реченици. Вина кај мене и кај претседателот на Собранието нема никаква, а има кај собраниските служби и она што го нарекуваме Парламент на државата. Каде – како, ќе си прашате таму. Еве ви ги доказите. Тој закон не е потпишан од Иванов и се смета дека има вложено суспензивно вето, по што го враќаат назад. Според мислењето на собраниските служби, или не знам, на претседателот на Собранието, тие мислат дека закон кој е гласан не со двотретинско, туку со ова другото , обично мнозинство, дека може да биде изгласан со истото мнозинство“, критикуваше Пендаровски.

    Потоа кажа дека постојат двотретински закони, постојат оние кои се гласаат со 61 глас од пратениците и постои трета категорија, мнозинство од присутните пратеници.

    „Во првото гласање овој закон го ставиле под таков режим. Значи, ако биле  присутни 80 пратеници, законите велат  може под третина, со 41 глас можеш  да донесеш закон.  Законот за заштита од дискриминација првиот пат е донесен со 50 и нешто гласови. Се сметало во Собранието дека со исто толку гласови требало да се донесе и по вторпат. Меѓутоа, Уставот е многу јасен. За оваа категорија закони, ако ти го врати претседателот на државата,  значи ако вложи суспензивно вето и ти го врати на повторно гласање, ти овојпат мора да имаш 61 глас. Тоа го пишува во Уставот во член 75“, зборуваше Пендаровски за овој пех на државата.

    Политички, рече, законот беше огромен исчекор во однос на достигнувањата на европските принципи и правила по кои треба да живееме и ја воведе и основата родова припадност и сексуалната ориентација, по кои никој не може да биде дискриминиран.

    „Не само Холандскиот, неколку други европски парламенти ни го поставија како формален услов дека ако не го донесеме, не можат ни да размислуваат да ни дадат пас за почеток на преговорите со ЕУ, рече Пендаровски и додаде дека очекува идниот Парламент да го стави на гласање на една од поитните седници. Да бидеш против закон со една таква содржина во 21 век, па дури и на Балканот, е срамота“, кажа шефот на државата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира